Судиите и обвинителите се клиентелисти на СДСМ кои ги штитат политичките криминалци, велат од ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение, прашувајќи зошто ексминистерот за здравство и актуелен претседател на опозициската партија, Венко Филипче е изземен од случајот Онкологија.

Партијата оценува дека Венко Филипче бил убедливо најлошиот министер за здравство во Македонија, а неговиот мандат, поврзан со скандали и злоупотреби.

„Самиот Филипче е до гуша заглавен во скандалот со Онкологија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со одлуката на ОЈО, за завршување на истрагата за случајот Онкологија, поднесени се две обвиненија. ВМРО-ДПМНЕ се повикува на членот 295 од Законот за здравствена заштита, каде што стои „Надзор над законитоста на работата на здравствените установи врши Министерството за здравство“, што, според нив, значи дека Филипче бил директно одговорен.

„Дали Филипче знаел дека не се дава онколошка терапија и дека се крадела па дури и завршувала на црниот пазар во Косово? Зошто омилениот обвинител на СДС и ДУИ, Гаврил Бубевски, не покренува истрага против Филипче, иако Филипче самиот директно или индиректно, дозволил системски хаос и непочитување на шеесетина законски одредби. Последиците од Филипче и СДС во здравството се катастрофални и штетни. Судиите избрани во Струмица и Зајас наместо да обезбедат правда, тие опструираат предмети и го продлабочуваат клиентелизмот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија заклучи дека неопходни се реформи во правосудството, односно независно судство, растоварено од политички влијанија.