Речиси четири недели по огромната трагедија во Кочани, истрагата сè уште нема одговори на едни од најважните прашања: Кој сноси одговорност за пожарот во „Пулс“ и кој е виновен за сериозните безбедносни пропусти на денот на трагедијата, прашуваат од СДСМ.

Иако беше најавено, како што велат, до денеска не е направен ниту еден чекор во насока на проширување на истрагата, ниту за пропустите што ја обележаа кобната ноќ, ниту за оние што ѝ претходеле.

„Не е поведена постапка против ниту едно лице од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ, иако тие на 16 март, денот на трагедијата, биле на одговорни позиции. Зошто нема проширување на истрагата иако беше најавено? Зошто ниту еден актуелен функционер којшто бил на функција тој ден не е опфатен со истрагата ниту пак е повикан на распит? Не смее да има заштитени. Не смее да продолжи селективно да се води истрагата.
Одговорност мора да има – без разлика на функцијата или позицијата. Ова не е партиско прашање. Ова е прашање на правда, на доверба во институциите и на почит кон жртвите и нивните семејства“, истакнуваат од опозициската партија.

Граѓаните, додаваат од партијата, имаат право да ја знаат вистината.

Според СДСМ, тие одговори мора да донесат конкретна одговорност, и тоа на сите нивоа.

„СДСМ останува цврсто на ставот: мора да има целосна, транспарентна и неселективна истрага. Правдата за Кочани мора да победи. Таа правда мора да биде недвосмислена, видлива и целосна“, потенцираат од партијата.