Француската актерка и стилска икона Брижид Бардо, која почина на 91-годишна возраст, со децении важеше за една од најпривлечните жени на 20. век. Според некои експерти, дел од таа привлечност може да се објасни и со математиката – поточно со таканаречениот златен пресек.

Лондонскиот естетски хирург д-р Џулијан де Силва наведува дека лицето на Бардо во голема мера одговара на златниот пресек, математички однос (1,618) што уште од античка Грција се користи за опишување склад и убавина. Анализа направена со онлајн алатка, пренесува „Дејли мејл“, покажала дека лицето на Бардо се совпаѓа со правилата на златниот пресек во 81,62 проценти.

Истражувањето ги земало предвид односите меѓу носот, усните и очите, висината на лицето и симетријата. Иако резултатот е висок, според истата анализа, некои денешни ѕвезди имаат уште поголема усогласеност со златниот пресек.

Освен лицето, во нејзината привлечност улога можела да има и русата коса. Истражување на Универзитетот Вестминстер од 2011 година покажало дека мажите почесто им приоѓале на жени со руса коса, во споредба со други бои.

Сепак, според експертите, бројките не можат целосно да го објаснат феноменот Брижит Бардо. Нејзината привлечност, велат, лежела и во комбинацијата на природност и провокативност, како и во харизмата што не може да се измери со формули.

Текстот Зошто Брижит Бардо беше толку привлечна? Дел од одговорот е во математиката е превземен од МАКФАКС.