Никица Корубин
“Во 1661 година Битолската чаршија била голема, со 900 дуќани, 40 кафеани и еден мошне импозантен безистен со железнии капии и куполи … во 1836 година имало 2150 дуќани … од сите занаети од месари до златари … трговците со штофовите имале 86 дуќани во безистенот”.
Битола, Бутела, Монастири, Хераклеја – под кое име и да се сретне – несомнено еден од најголемите урбанистички, културолошки и цивилизациски центри кај нас. Синоним за префинетост, умешност, знаење, богатство и се разбира дипломатија. Космополитски град, кој со векови гравитирал кон соседните области, трговски, но и јазично, етнички и културолошки.
“Во 1827 година во овој град имало 70 занаети со 1400 дуќани. Со султанскиот хатишериф од 1836 година, Битола станала политичко-административен, воен и трговски центар за сите краишта од западниот дел на Балканот … битолските трговци и занаетчии продавале големи количества различна стока во соседните градови како што се Костур, Лерин, Ресен, Корча и поголемиот дел на Албанија”.
И зошто оваа Битола од минатото, до каде и да досега тоа, последните неколку години станува синоним на конфликтни ситуации – од сите конструирани контроверзи околу културниот клуб “Ванчо Михајлов”, преку “христијанизацијата” на Јени Џамија, до улични инциденти со ксенофобични напади.
Зошто историски мултиетничка и мултиконфесионалната Битола, градот во кој се образувал Кемал Ататурк, во кој е создадена современата албанска азбука, треба да биде синонимот за конструираната верзија на “чистиот македонски национализам”? Кој очигледно, како да мора да се темели на изразената и наметната бугарофобија и албанофобија, која наизменично се наметнува во јавниот дискурс.
“По втората светска војна бил уништен голем дел од чаршијата. Биле урнати објекти со изградба на стоковната куќа … и со пробивање на новата улица” – сите цитати се превезени од книгата “Чаршијата во архитектонско-урбанистичка тоа структура на градовите во Република Македонија” од Снежана Герасимовски Матеска.
Физичкото уништување и на Битолската чаршија, но и на сите други урбани целини во градовите низ тогашната република Македонија, во поранешна СФРЈ, непосредно после втората светска војна, “спакувано” како модернизација и урбанизација, која започнала неколку децении порано преку “урбанистичко преобликување” во кралството Југославија; всушност било прекинување на култоролошкиот и историски континиутет на урбаните центри, а преку нив и на “духот на луѓето”, а не само на “духот на времето” – појавниот упад, како метафорички израз на суштинскиот упад.
И токму тоа “превоспитување” по мерката на кралството или на федерацијата, сеедно, идеолошки, презентирано како култоролошки; а всушност длабоко историски – како да доживува последните неколку години – своевидна “реконструкција” кажано со архитектонски жаргон. Затоа што не смее никако да остане “материјал” за реставрација и конзервација. Суштината мора да биде заменета со копија – ново изградено со ликот на старото. И тоа да се дефинира како “идентитет”.
Но, зошто Битола постојано се повторува како “сцена” за “вежбање на идентитетот”? И кон кого е тој “милостив”, а кон кого е “брутален”? Да не заборавиме дека токму Битола беше “локацијата” и за првиот голем “идентитетски упад” во МПЦ, како религиска и историска парадигма; а ниту Кајмакчалан не е толку далеку, како редовен потсетник без никаква грижа за истиот идентитет кој “строго се чува од Бугарите”; “кој кому (смее да) припаѓа.
Дали можеби треба да се вклопи во дефиницијата “не не’ бива” на кое само треба да се надоврзе “од ова држава не бива”, кога и еден од најголемите културни центри во регионот се сведени на “насилство, примитивизам и нетрпеливост”? Која е симболичната, а која е реалната “цена” на релативизрањето и “упростувањето” на овој вековен урбан и цивилизациски центар? Која е целта на “целосното осиромашување” на духот, воскреснато така ефективно и брутално, а сепак скриено позади “световни и антифашистички” паравани?
Бразида, еден од најголемите хеленски војсководци во 5-от век п.н.е за само еден ден стигнува од земјата на Линкестидските Македонци во земјата на античкото македонско кралство. Еден ден е доволен за Арниза, од таа страна на Кајмакчалан. Еден ден е потребен за обновување на старите природни врски, со соседните региони, во Грција, во Албанија, во Бугарија. Како Битола некогаш. Еден ден не’ дели, од нас самите и вистинскиот, и македонски и европски идентитет. Или едно гласање – на уставните измени.