Здружението на новинари на Македонија реагира по одлуката на Основниот граѓански суд во Скопје, кој денеска ја одби тужбата на Горан Трпеновски кој за време на инцидентите од Собранието на 27ми април 2017 година, како новинар известувал за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk).
Тој поднесе тужба за спреченост на правото на информирање на граѓаните како и за нематеријална штета за претрпен страв и душевна болка.
Во пресудата, судијата Јованка Спировска Панева, образложи дека во тоа време Трпеновски не бил новинар бидејќи работел во онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК кој пак според Закон за медиуми, според судија Панева не се смета за медиум. Освен ова, дополнително судот во оваа пресуда не го признава правото на информирање како уставна категорија, оценувајќи дека во тоа време колегата Трпеновски бил спречен да ја информира македонската јавноста за случувањата во Собранието на РСМ а следствено на тоа нема право на штета.
„Ваквите судски пресуди ја загрозуваат слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија како и улогата на медиумите во едно демократско општество за што ЗНМ во наредните денови ќе ги запознае и меѓународните организации кои ја следат слободата на изразување во нашата земја“, велат од ЗНМ.
Оваа судска пресуда, за Здружението е проблематична бидејќи не е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права. Тие нагласуваат дека онлајн медиумите се медиуми, а новинарите кои што работат во овие медиуми се новинари, па затоа и судовите имаат обврска да ја следат праксата на ЕСЧП.
„Второ, судот со пресуда не го почитува заклучокот на четирите апелациони судови во Република Северна Македонија со кој онлајн медиумите кои како странки се јавуваат пред првостепените граѓански судови кои при одлучување во постапки за навреда и клевета, мора да имаат ист третман како и традиционалните медиуми од мај 2019 година. Овој заклучок на четирите апелациони судови треба да биде поука дека и во сите други постапки каде новинарите од онлајн медиумите бараат правда пред судовите не смеат да бидат одбиени со објаснување дека не се новинари“, реагираат од ЗНМ.
Лани Основниот граѓански суд во Скопје ги одби и тужбите на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа повреда на нивните права и штета од државата за овие настани.
Образложението на судот тогаш беше дека новинарките не доставиле докази од кои што може да се утврди дека на 27 април 2017 година се случиле јавни демонстрации пред Собранието, иако во тужбата биле доставени видео записи од случувањата пред Собранието.