Зголемениот тренд на кражба на фотографии и грубо кршење на авторското право на фоторепортерите од страна на некои медиуми, но и други комерцијални субјекти во земјава претставува голем проблем и затоа мораме во иднина заедно да работиме за да се искорени оваа пракса, истакна фоторепортерот Петaр Стојановски, по денешната работна средба, што ја одржаа претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и членовите на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ со обвинители од Основното јавно обвинителство во Скопје.

Средбата, како што наведоа од ЗНМ, била одржана во насока на подобрување и заштита на авторските права на фоторепортерите.

На состанокот во ОЈО, биле дискутирани и правосилни пресуди за прекршување на авторското право за кои во минатото Обвинителството преземало дејствија по службена должност.

Претставниците на ЗНМ укажале дека е важно во иднина ОЈО да има проактивен однос во заштита на авторското право на медиумските работници.

– Авторското право се смета за едно од најважните права во остварувањето на професионалната должност на новинарите и генерално на медиумските работници, кои преку својата работа креираат содржини без разлика дали станува збор за авторски фотографии, видеа или текст. Токму поради тоа, новинарите, како и фоторепортерите и снимателите, треба да бидат препознаени како автори на содржината што ја креираат а доколку овие права се прекршени сторителите потребно е да одговараат, потенцираше Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.

На средбата во ОЈО присутни беа претставниците на ЗНМ Драган Секуловски и Милан Спировски, Иван Брешковски, адвокат, Томислав Георгиев, Петр Стојановски и Роберт Атанасовски од Секцијата на фоторепортери при ЗНМ како и шефот на Скопското Јавно обвинителство Гаврил Бубевски и обвинителите Искра Хаџи Василева, обвинителот Дaрко Јакимовски и одговорната за односи со јавност во ОЈО Билјана Арсовска.