Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради начинoт на постапување на полициски службеници кон новинари од пелагонискиот регион.

„Случајот за кој веќе испративме официјален допис до Министерството за внатрешни работи, се однесува на известување за разрешувањето на директорка на училиште во Демир Хисар, кога полициски службеници им пристапиле на новинарите додека тие известувале од настан од висок јавен интерес, барајќи нивно легитимирање, иако било очигледно дека се работи за медиумски работници со професионална опрема. Настанот се случил на јавна површина – двор на училиште. Сметаме дека вакви ситуации може да се протолкуваат како обид за вршење притисок врз новинарите, што е недозволиво мешање во нивната работа и нарушување на медиумските слободи“, соопштија ЗНМ и ССНМ.

Од таму велат дека во дописот до МВР бараат итна и сеопфатна проверка на околностите, утврдување на законската основа за ваквиот вид постапување и одговорност доколку се потврди дека полициските службеници ги пречекориле своите овластувања.

„Очекуваме МВР и Секторот за внатрешна контрола во најкус можен рок да информира за утврдените околности и доколку се потврди прекршување на овластувањата, да преземе соодветни мерки против одговорните службеници“, се наведува во заедничкото соопштение./Макфакс

Текстот ЗНМ и ССНМ бараат итна проверка на околностите со случајот со новинарите во Демир Хисар е превземен од МАКФАКС.