Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) по пристигнатите пријави од страна на колеги и колешки денеска ќе поднесат пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.
Конкретно, станува збор за објава на веб страната Канал 5 од 17-ти септември, со наслов ,,Нервозен арачиновец убодел двајца жители на Аеродром и се обидел да прегази група луѓе!”, која потоа е проследена на Фејсбук страната на оваа телевизија, со коментар: ,,Повторно „албанофобија“ а сега од страна на ОЈО?“. На оваа објава споделени се голем број на коментари, а дел од нив со непримерен вокабулар и содржина која поттикнува говор на омраза и дискриминација на етничка основа.
Како новинарски и медиумски организации остро ги осудуваме сите коментари кои што повикуваат на насилство и стигматизираат цела етничка заедница.
Дел од коментарите се: ,,ортома племе дивајчко”… ,,Кој дивјаци се ш******, ама за сме си сами криви… едно општество за сите???”… ,,толку им сече ограничени се во мозоците”… и други.
ЗНМ и СЕММ бараат од МВР со внимателност да ги истражи заканувачките пораки, а кон оние профили кои се познати од страна на истражните органи да бидат повикани корисниците на распит и да се преземат соодветни мерки против нив.
Потсетуваме дека Основниот кривичен суд веќе има позитивна судска пракса со условни казни затвор кон сторители кои претходно имаат објавувано заканувачки пораки на социјалната мрежа Facebook, а по претходни пријави од страна на ЗНМ.
Истовремено, укажуваме дека етичка и законска обврска на секој професионален медиум е да внимава како информира посебно за теми кои лесно можат да поттикнат нетолеранција и дискриминација. Во спротивно, медиумите можат да предизвикаат говор на омраза, етничка нетрпеливост, а тоа може да доведе и до други кривични дела од омраза.
Исто така, укажуваме дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) има судска пракса според која медиумите се одговорни за содржината на коментарите објавени под текстот на соодветната статија (Делфи АС против Естонија).