Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) повторно ги осудува јавните дисквалификации како и непримерниот однос на градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко кон новинарот од телевизијата Алсат М од Охрид.
На прес конференција која се одржа на 8ми јули градоначалникот Мерко наместо да одговори на новинарските прашања поврзани со обвинувања од опозицијата а претходно и прашања околу изградбата на објекти кај автокампот Ливадиште, повторно вербално ги нападна новинарите. Тој го обвини нашиот колега дека работел за опозицијата со зборовите: „Знам дека и ти си Алијанса и твоето прашање не оди тука“ откако претходно му беше поставено новинарско прашање.
Ова е втор јавен инцидент со новинари на градоначалникот Мерко за помалку од месец земајќи во предвид дека неодамна колешка од телевизија Алфа грубо ја навреди на прес конференција на која повторно се поставуваа прашања за градби на брегот на Охридското езеро во струшкиот регион.
ЗНМ за константниот недоличен однос на градоначалникот Мерко кон новинарите ќе ја извести меѓународната заедница и ќе побара од локалните новинари да не ги проследуваат прес конференциите во организација на општина Струга доколку тој не се извини за својот однос кон нашите колеги.
Потсетуваме дека градоначалниците се избрани функционери кои се платени од страна на граѓаните и тие имаат обврска да негуваат професионален однос кон новинарите и медиумските работници со цел да даваат отчет за својата работа и во ниту еден случај лична пресметка на јавни настани не може да биде оправдана.