Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, вели дека главниот извор на лажни вести се политичарите. Нападите врз новинарите нема да престанат ако власта само декларативно се залага за слобода на говор. Еснафските здруженија се против враќање на можноста во медиумите да се слеваат пари од државната каса за рекламирање на јавните институции
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, вели дека главниот извор на лажни вести се политичарите и политичките партии.
„Ширењето на дезинформации е едно од најголемите зла со кои се соочуваме ние како новинари, но и општеството во целина. Главните креатори на лажните вести се политичарите. Извориштето на лажните вести и пропагандата доаѓа од политички мотивирани принципи, односно непринципи“, вели Чадиковски.
Лани еснафските здруженија, ЗНМ и Советот на етика, почнаа процес на саморегулација и формираа регистар на професионални медиуми – Промедиа. Во него можат да членуваат само медиуми кои ги исполниваат стандардите, односно го почитуваат Кодексот на новинарите и имаат транспарентна сопственост и новинарски тим. На почетокот овој процес доби поддрша и од Стопанската комора, но бизнис заедницата потоа продолжи со финансирање, односно рекламирање во медиуми коишто се непрофесионални и постојано ги погазуваат новинарските стандарди.
„На тој начин промовираат неквалитетно, непрофесионално, неетичко новинарство. Според нас, овој процес мора да претрпи нови подобрувања, овој пат и директно со компаниите кои подджуваат медиуми кои не работат во интерес на јавноста. Да им објасниме дека таквиот начин на делување одмага на новинарството, на медиумите и на целиот јавен дискурс“, изјави за ЗУМ.
Минатата година имаше четиринаесет напади врз новинари, особено на социјалните мрежи. Причината може да се бара во тоа што беше изборна година, но според Чадиковски најголем проблем е неказновоста на напаѓачите. Од сите напади лани, само за еден случај има судска пресуда. Поради ова, ЗНМ од Јавното обвинителство бара да има посебен оддел кој ќе ги следи и процесуира само нападите врз новинарите и на тој начин случаите ќе добиваат и судска разрешница. Добиле декларативни заложби, но засега останува само на тоа.
„Имаме позитивен одговор, но гледаме дека тоа не функционира најбрзо“, рече Чадиковски.
Премиерот Зоран Заев неодамна најави оти наскоро ќе биде даден предлог од Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) за укинување или промена на членот 102 од Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (ААВМУ), односно негова промена, за да може да се помогне на медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните одлуки како што се седниците на управни одбори, на совет итн.
„Се бара трајно решение за чие изнаоѓање е поканета и европската делегација да ни дадат експерти за да го формираме она што е најдобро за нас, а поучени од европските искуства во делот на невлијание на медиумите, а сепак обезбедување нивна дополнителна финансиска одржливост заради тоа што сите заедно заклучивме дека треба да развиваме и такви пакети. Не само заради Ковид-19, секако заради и поради тоа се добродојдени, но и по Ковидот ќе бидат на сила, а тоа дополнително ќе ја зголеми транспарентноста на државата и информираноста на граѓаните,“ рече премиерот Заев на прес-конференцијата 100 дена Влада.
Членот 102 од Законот за ААВМУ е конкретен во делот на забраната за рекламирање.
„Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери”.
Чадиковски вели дека немале никакви разговори со владата за укинување на овој член од Законот, но признава дека постои одреден пртисок од локалните и регионалните медиуми за повторно да се дозволи рекламирање на државните институции во медиумите. Тој вели дека е свесен дека е неопходна помош за медиумите, но преку проекти кои ќе помогнат во подигање на квалитетот на новинарските продукти и проекти од јавен интерес.
„Ние принципиелно сме против таков тип на финансирање на медиумите. Доколку се случи да се оствари оваа најава со укинување на членот 102, тогаш медиумите повторно ќе ги направиме зависни од оној кој што ги дава парите, а тоа се сите државни и локални инситуции, а тоа сигурно ќе влијае врз нивната уредувачка политика“, вели Чадиковски.
Во наредниот период тој најави разговори на оваа тема со владата, но дециден е дека еснафските здруженија ќе инистираат на подобрување на финансиската состојба на медиумите преку проекти кои ќе придонесат за квалитетно новинарство.
Маја Јовановска/Zoom.mk