Владимир Перев
За време на целото постоење на Титовата Југославија, некаде од почетокот на 1945 година, па се до 1990 година, а некаде и неколку години потоа, времето кон крајот на месец ноември беше време на некаква вонземна, извонредна реалност, посветена на формирањето на Југославија, илузија за држава во која носечки елементи требало да бидат братството, единството и рамноправноста, поими позајмени од големата Француска револуција и претопени во суровата, безчовечна реалност на социјалистичкиот систем на СФРЈ.
Имено, на 26-27 ноември 1942 година одржано е Првото заседание на АВНОЈ во Бихаќ, Босна и Херцеговина, а на 29 ноември 1943 година одржано е Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, пак во Босна и Херцеговина. Второто заседание на АВНОЈ се смета за заседание каде се удрени темелите на Југославија како заедница на рамноправни народи.
Но, како сето тоа изгледало во реалноста. Сите национално-државотворни ентитети на Југославија требало да бидат претставени на заседанието во Јајце. Прашањето е КОЈ требало да ги испрати и овласти делегатите на сите народи од Југославија и да им даде право да гласаат на Заседанието и да носат соодветни одлуки. Словенците и хрватите веќе имале свои антифашистички собранија, па нивните делегати дошле со соодветни полномоштија, додека пак србите немале свое антифашистичко собрание, па за делегати биле именувани членовиот не Главниот штаб на Народноослободителната војска на Југославија, а пак за македонците требало да помине уште една година, за да формираат свое антифашистичко собрание наманастирот “Св. Прохор Пчински“, на 2 август 1944 година. Затоа, како делегати биле именувани антифашисти од одржаното Преспанско советување одржано на 2-4 август 1943 година. Интересно е што на советувањето во Преспа биле присутни само околу 30-35 души, за некои дури не им се знаат ни имињата, па тие требало да делегираат делегати во Јајце за да основаат некаква социјалистичка Југославија под водството на Маршал Тито. Тоа е вистината, сето друго е митологија на оние кои победија во рамките на коалицијата на Западниот свет.
Сега, кога веќе се објавени сите документи, може да се види дека Заседанието на АВНОЈ во Јајце било една голема импровизација. Од телеграмите кои Тито ги испраќал до главните штабови во републиките можело да се види дека има различен приод: Словенците и хрватите ги повикува да дојдат во што поголема бројка, за србите и црногорците да испратат по неколку делегати, а од Македонија да дојде еден кој и бил именуван во депешата. Но, Титовите манипулации не престануваат тука. Од записниците се гледа дека на заседанието биле присутни 142 делегати од вкупно 303 делегати, значи, немало кворум за одлучување. За тоа некако да се надмине било решено сите 42 делегати од Македонија, и 11 од Санџак да бидат наведени како присутни, за да има мнозинство. Така, Заседанието на АВНОЈ во Јајце не било легитимно, а донесенете одлуки не биле правно легално донесени. Нас не учеа дека паднал “голем снег“ па делегатите од Македонија и Санџак не можеле да пристигнат во Јајце…иствремено ни кажуваа дека црногорските партизани со оружје во рака и низ секојдневни борби со “германскиот окупатор и домашните предавници“, по невидено невреме и снегови, сепак успеале да стасаат до Јајце.
Но, ова е вториот дел од трагедијата наречена “Авнојска, Титова Југославија“. Првиот дел се одигрува речи си точно една година пред тоа, на 28 ноември 1942 година, исто така во малото босанско место Бихаќ. Партизанските единци на чело со Тито влегуваат во Бихаќ и “го ослободуваат“, ослободувајќи притоа од животот 120 војници на НДХ, а заробените 192 војници и 130 недолжни цивили од Бихаќ се стрелани. Врз основа на овие докази, против тогавашниот командант на партизанските единици Раде Булат, по 1990 година поднесена е кривична пријава за воено злосторство. Врз телата и крвта на стреланите недолжни војници и граѓани на Бихаќ, одржано е Првото заседание на Авној, а целата стравичност на собитието може да се прочита во документите на Воениот архив во Белград, каде што педантно е забележен и говорот на Моша Пијаде на заседанието, како стратегија на комунистите за освојување на власта: “…Потребно е да створиме многу бездомници, овие бездомници да бидат мнозинство во државата. Ќе пукаме и ќе се повлечеме, германците нема да не најдат, но за одмазда ќе ги палат селата…селаните кои ќе останат без кров над главата ќе ни пријдат, па така ќе бидеме господари на ситуацијата…селанец кој има куќа, земја и стока и работник кој прима плата и има за леб, нам ништо не ни вреди, нема значение. Само несреќниците стануваат комунисти, затоа ние треба сами да ја створиме несреќата, масите да ги фрлиме во очајание, затоа што ние сме смртни непријатели на секоја благосостојба, ред и мир…“
Истовремено, партизаните-комунисти стрелаат, палат и убиваат низ цела Црна Гора и Херцеговина, цели семејства на припадници на четничките единици кои во тоа време исто така се борат против германците и италијаните. Жртви на партизанскиот терор и комунистичкото безумие се и цели семејства на интелектуалци кои се држеле настрана од припадноста кон било која страна од војната, а редовно биле стрелани, заедно со своите семејства и припадниците на српското свештенство во Црна Гора и Херцеговина. Сето тоа по директна нарeдба на Тито и Моша Пијаде, а директни ликвидатори биле и такви познати личности-комунисти и партизани, како што е например народниот херој Сава Ковачевиќ.
Во тој период во Македонија никој не знае за овие зверства на комунистите. Македонци како партизани нема во тој период низ југословенските простори, а и во Македонија партизанското движење е слабо. Иронично речено, македонците мирно и спокојно си живеат под “окупацискиот режим“ на Бугарија, како што забележуваат во своите писма и извештаи до ЦК на КПЈ партиските делегати-срби, во органите на ЦК на КПМ во Македонија. Партизанското движење кај нас мирува, поточно речено, воопшто и го нема.
Меѓутоа, злосторството и насилието вградено во “босанските собитија“ на двата АВНОЈ-а, по капитулацијата на Бугарија во 1944 година и формирањето на АСНОМ, исто така во 1944 година, се прелева и на македонските пространства. Навистина, АСНОМ формира некаква државност и националност на македонците, јасно форматирана само во рамките на тогашна Југославија, но злосторството како тактика и стратегија за освојување на власта, донесени од српските делегати, специјално од Светозар Вукмановиќ-Темпо, ја наоѓа својата примена и во Македонија. Затоа, убиствата без суд и пресуда од крајот на 1944 година па сѐ до средината на 1945 година, како и настаните на Скопското кале и во Штип, обележани како “Македонското крваво Коледе“, се само логичен след на настаните во другите “братски“ републики…тоа е озаконето злосторство во време на беззаконие и насилие, промовирано од највисоките југословенски и македонски раководители.
Времето си го стори своето. Разбравме дека зад ликот на “големиот комунист“ Моша Пијаде, еден од најсилните луѓе во СФРЈ, сликар во Париз и затвореник во Сремска Митровица, преведувач на Марксовиот “Капитал“, се крие обичен злосторник, безумник и психијатриски случај. Само прераната смрт го ослободи од судот на своите партиски другари. Митолошките места Јајце и Бихаќ не ги одмина судот на времето. Јајце до денешен ден е мало, забаталено место во БиХ, а Бихаќ, славата на Југословенската народна армија, во војната во Босна по 1991 година, го разрушија истите оние кои ги градеа подземните бункери за војна “до последниот“ комунист!
Позициите изнесени на АВНОЈ во Бихаќ и Јајце, преточени во АСНОМ, прво предизвикаа бран од насилие и убиства низ Македонија, за подоцна, кога “револуцијата застана на слеп колосек“, да се завртат против своите. Речи си ниеден член на АСНОМ не остана неказнет, во разни периоди на својот живот и делување…некои платија и со главите!
“Македонското крваво Коледе“ остана неразјаснето до денес, ниту по бројот на убиените на Скопското кале и во касарната во Штип, ниту се разјасни улогата, личноста и злосторот на ликвидаторите. Во случајов, бројките не се важни. Па да е и само еден единствен војник убиен без суд и пресуда, историјата, ние, треба да ја изречеме осудата кон извршителите на тие грозоморни дела. За да имаме вистинска држава, треба да има вистинска правда, еднаква и за секого, па макар та правда да биде и со историски конотации.
(Колумната е напишана специјално за бугарската информативна агенција БГНЕС)