Цената на златото денес за прв пат во историјата надмина 5.000 долари за унца, продолжувајќи го својот тренд на раст, бидејќи инвеститорите бараат побезбедно засолниште за својот капитал поради геополитичките тензии.

Зголемените тензии меѓу САД и Европската Унија околу Гренланд предизвикаа неизвесност на глобалните финансиски пазари минатата недела, па затоа цената на златото нагло порасна.

Утрово, сепак, таа се зајакна за уште 0,9 проценти, на 5.029 долари за унца.

Минатата година, цената на благородниот метал скокна за 64 проценти, благодарение на намалувањето на каматните стапки во САД, падот на девизниот курс на доларот, побарувачката од централните банки и рекордниот прилив на пари во фондовите.

„Проценуваме дека цената на унца злато би можела да достигне 6.400 долари оваа година, додека просечната цена би можела да биде 5.375 долари“, изјави независниот аналитичар Рос Норман за Ројтерс.

Текстот Златото надмина 5.000 долари за прв пат во историјата е превземен од МАКФАКС.