Уште едно извонредно претставување на македонските средношколци – информатичари, како продолжение на уште една успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика.
На 32-рата по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2025), која од 25-ти септември до 1-ви октомври се одржува во Удине, Италија, нашите ученици постигнаа нов значаен успех. Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Леонид Цуклев од Гевгелија, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Благојче Павлески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден златен и два бронзени медали. Заедно со овие три, македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година досега освоија вкупно два златни, два сребрени, четири бронзени медали и четири олимписки пофалници – резултат достоен за респект, недостигнат и од многу поголеми држави од Македонија.
Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвниот натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров. Секоја земја – членка на БОИ заедницата учествува со тим составен од 4 натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
Главен организатор на овогодинешната БОИ е Националната асоцијација за натпреварувачко програмирање на Италија, со поддршка на Италијанската асоцијација за информатика и автоматско пресметување. На годинешното издание на БОИ учествуваат вкупно 48 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од следните земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваат и 18 ученици од Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и Киргистан. Во ваква силна конкуренција, златниот медал за Македонија го освои Дамјан Давков, а бронзените медали ги освоија Владимир Грчев и Леонид Цуклев. Четвртиот наш натпреварувач Виктор Максимоски исто така освои признание, олимписка пофалба.
Нашиот тим за БОИ 2025 беше избран преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 36-ти пат. И оваа година, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како и неколку општествено одговорни компании.
Во изјавата на Претседателот на Здружението, проф. д-р Миле Јованов се вели: „Секогаш сум среќен кога целогодишниот труд на нашите натпреварувачи вродува со плод. Дамјан и Леонид се ученици од Математичко информатичката гимназија во Скопје, кои штотуку запишаа четврта година, а Владимир како ученик кој само што заврши основно образование успеа да се пласира во овој повисок натпреварувачки ранг. Дамјан со неговиот медал и резултат застана пред 64 други учесници од олимпијадата, а Владимир го делеа само 5 поени (од можни 600) од освојување на сребрен медал. Целогодишниот труд и на членовите од Здружението, професорите и студентите од ФИНКИ, во организацијата на натпреварите и на подготовките на најдобрите ученици е исто така валоризиран со овие резултати. Искажувам благодарност за здружението Бистри умови и општина Кочани за поддршката во организирањето на подготовките, како и на компанијата Сорсикс која и сега го поддржа нашето патување во Италија.“
Следната, 33-та по ред, Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026), ќе се одржи идната година во Црна Гора. Последен настан пак, кој претстои до крајот на оваа година за македонските ученици – информатичари, е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која ќе се одржи од 24-ти до 30-ти октомври во Ларнака, на Кипар.