Констатација е дека речиси сите помалубројни заедници се застапени со речиси идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност – изјави омбудсманот Насер Зибери, презентирајќи го Извештајот за следењето на примената на начелото за соодветна и правична застапеност на вработените во јавниот сектор за 2021 година.
Извештајот за 2021 година во целина покажувал дека имало одреден напредок во спроведување на начелото за соодветна и правична застапеност. Така што од 2007 година до 2021 година, можело да се увиди дека „застапеноста на Македонците во јавниот сектор од 83,72% во 2007 година, во 2021 година е на 72,8%, што е збирно намалување за 10,92%, додека застапеноста на Албанците во јавниот сектор од 10,8% во 2007 година, сега е 20,6%, што претставува зголемување од 9,8%“.
За изминатата година во јавниот сектор Турците биле застапени со 2,0%, Ромите со 1,3%., Србите 1,4% и Власите со 0,7%. Додека дека сите оние кои се декларирале како припадници на некоја друга етничка заедница која не е заведена во Преамбулата на Уставот, застапени биле со 0,7% од вкупно вработените во јавниот сектор во 2021 година.
Според податоците за полова и образовна застапеност, оваа година во субјектите на јавниот сектор имало 134.099 вработени лица на неопределено време, од кои 69.014 биле мажи (51,46%), додека 65.085 биле жени (48,54%). Од вкупниот број вработени мажи и жени во јавниот сектор, 67.771 биле со високо образование, 3.886 со вишо образование, 51.491 со средно образование и 10.173 со основно образование.
Инаку, Зибери истакна дека лично се сомнева дека има доволно спремност, капацитет и ресурси во надлежните институции да ја променат состојбата во правосудството, тема која добива на интензитет особено во последниве месеци.
-Тука пред се мислам на Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители. Без некоја поактивна улога на сите сегменти на власта, тука мислам на Влада, Собрание, судство, тешко дека ќе има некое посериозно подобрување. Требаше да чекаме да ни сигнализираат, да ни упатуваат критики од страна на Амбасадата на САД, на ЕУ, и тн., за да се освестиме, отрезниме, дека состојбата не е добра – изјави вчера Зибери, коментирајќи го укинувањето на првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, како и ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем. Тој посочи најголемиот број на претставки оваа година до институцијата Народен правобранител доаѓале од областа на правосудството.
-Сигурно се над 400 претставки, од кои скоро половината се однесуваат на работата на извршителите. Значи, судовите и извршителите доминираат по бројот на претставки од граѓаните – изјави Омбудсманот.
Иако годината не е завршена, Зибери посочи дека вкупниот број на претставки за 2022 година ќе биде над 3.000, што би било зголемување за 10 проценти во однос на минатата година.























