Лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, во интервју за гостиварската локална ТВ Глоби се огради од шпекулациите дека е можно да се приклучат на владејачкото мнозинство, но сепак не исклучува таква можност. Како што вели тој, постои услов кој мора да биде исполнет, за неговата партија да прифати да биде дел од власта.
Како што вели тој, ако Алијанса на Албанците стане дел од власта, тоа би било само доколку се изгласа нивниот Предлог закон за државјанство.
– Имаме обврска да ги исполниме ветувањата што им ги дадовме на Албанците кои врз основа на оствареното нè легитимираа. Ние сме сериозни кон ветеното и така постапуваме. Кога бевме дел од власта во рок од 100 дена го донесовме Законот за јазиците. Сега рековме дека Законот за државјанство ќе се донесе во рок од 100 дена. Ова се однесува на комбинаториката ако АА стане дел од мнозинството. Без да се донесе нашиот предлог на Законот за државјанство, нема да прифатиме да станеме дел од владата, изјави Села.
Села посочи дека на платформата „Shtetësia.mk” која неодамна ја промовирале, се пријавиле стотици граѓани.
Инаку, нивниот Предлог закон за државјанство, вклучува можност, лицата кои по распадот на Југославија се затекнале во Македонија и досега не добиле државјанство, да имаат можност на такво нешто со потврда од тројца сведоци дека живееле тука. Сепак, останатите политички партии, пред се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се против ваквиот Предлог закон и порачуваат дека мора да претрпи измени. ДУИ, пак, порачува дека ќе го поддржи предлогот на опозициската Алијанса на Албанците.