Сервисите за помош и поддршка на жртви на сексуално насилство кои сега се достапни само за жртвите откога ќе го пријават силувањето или обидот за силување, помош и поддршка ќе може да добијат и без да го сторат тоа. Работна група од Министерството за здравство во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ќе ја унапредува стандардната оперативна процедура за центрите за жртви на сексуално насилство, формирани 2018 година во Гинеколошко акушерската клиника во Скопје, и во општите болници во Куманово и Тетово.

„За воопшто да добие каква било услуга жртвата, насилникот мора да биде пријавен во полиција. Тоа го бара нашето законодавство. Постојната легислатива бара секоја форма на насилство, особено оние кои се гонат по службена должност, да бидат пријавени. Тоа е нешто што мора да се смени затоа што ние ја ставаме во позиција жртвата во моментот откако таа го проживеала насилството, ете се охрабрила, дошла да побара помош , ја ставаме во ситуација или ќе пријавиш во полиција за да ти бидат земени докази или доказите ќе бидат изгубени и потоа нема да има можност за пријава“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против  насилство врз жени и семејно насилство.

Новата постапка која ќе треба да ја следат центрите за помош на жртвите на семејно насилство ќе и дозволи на жртвата сама да одлучи дали, кога и кои  постапки да бидат поведени против насилникот, а помошта да и биде на располагање.

„Самата постапка дека жртвата е приморана веднаш да пријави во органите на прогон е спротивна од сите стандарди и тука Гревио комитетот кој ја следи имплементацијата на Истанбулската конвенција изрази загриженост и затоа сме денеска тука. Да ја прилагодиме оваа стандардна оперативна процедура за сите сервиси кои ги нудат центрите да и бидат овозможени на жртвата и да и се остави простор, вклучително и собирањето на доказите, таа самата да донесе одлука дали и кога ќе пријави во полиција, обвинителство и така натаму. Праксата од другите земји покажува дека доказите се собираат и до две години се остава простор на жртвата таа да одлучи дали ќе покрене постапка против сторителот. Тоа е нешто што ние во моментов го немаме како стандард“, рече Неда Чаловска-Димовска, консултантка за анализата на стандардната оперативна процедура што ја користат центрите за жртви на сексуално насилство.

Ставот на Националната мрежа против насилство е дек а сексуалното насилство е едно од најмалку пријавуваните форми на насилство во нашата држава. Досегашното искуство покажало дека годишно по 50 – 60 жени во секој од трите центри се охрабриле да пријават сексуално, што пак, според анализата на ОБСЕ, е само два отсто од реалната бројка жртви на сексуално насилство во земјава.

„Ако земеме дека овие 50 – 60 жртви во секој центар се само два проценти од реалната бројка, тогаш веќе станува збор за една многу голема бројка жени, девојки и малолетни жртви кои имаат потреба од овој тип на помош, а немаат каде да ја побараат. Идејата е центарот да обезбеди психолошка поддршка, правна помош, да ги собере доказите кои се потребни понатаму за кривично гоење на сторителот и да ја обезбеди онаа првична, кризна интервенција и кризна помош која што и е потребна на жртвата откога ќе го доживее насилството“, рече Димушевска.
Таа нагласи дека сексуалното насилство кај нас се уште е табу – тема, а воопшто неискористена е формата силување во брак, кое со измените на Кривичниот законик од пред две години е препознаено како сексуално насилство.