Заедницата на Хрвати во Република Македонија (ЗХРМ) ја почна претпописната кампања која има за цел да ја подигне свеста и да ги информира Хрватите кои живеат во нашата држава за важноста на претстојниот попис.
Во рамки на проектот предвидено е да бидат претставени осум видеа кои ќе бидат користени во делот на кампањата на социјалните мрежи. Проектот предвидува и теренска кампања, во која покрај Скопје ќе бидат посетени и Куманово, Тетово, Битола, Охрид, Струга и Штип, во кои активно функционираат ограноци на Заедницата.
-Особено би сакала да упатам порака до младите Хрвати во државата поради тоа што подигнувањето на свеста на припадниците на нашата заедница е од особена важност за иднината на младите Хрвати во Македонија. Затоа ве повикувам во што поголем број да се вклучите во оваа кампања, изјави Невенка Костовска, претстедателка на Заедницата на Хрвати во Република Македонија.
Според ЗХРМ, овој проект е од големо значење за хрватската заедница во државава и сметаат дека треба да се искористат придобивките од пописниот процес. Проектот е под покровителство на Средишната канцеларија за Хрвати надвор од Република Хрватска.
Настаните ќе се организираат во согласност со протоколите за заштита од Ковид-19.