Според податоците на ДЗС, индексот на трошоците за живот во земјава во 2021 година има пораст од 3,2 отсто, во споредба со 2020 година
За храна и пијалаци, според пресметките на ССМ, во декември минатата година биле потребни минимум 15 091 денар, за режиски трошоци 10 930 денари, минималните трошоци за превоз изнесувале 2 633 денари, а за хигиена 2 397 денари
Индексите на трошоците за живот и на цените на мало лани биле највисоки во последните седум години, односно од 2014 година.
Трошоците за живот во декември биле поголеми за 0,4 отсто во однос на ноември, а цените на мало за 0,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. Најголем пораст е забележан во транспортот, кајшто има поскапување од скоро 10, односно 9,9 отсто.
Потоа следат цените во групите „ресторани и хотели“ за 5,9 отсто, „алкохолни пијалаци, тутун и наркотици“ за 3,8 отсто, „храна и безалкохолни пијалаци“ за 3,1 отсто, „здравје“ за 2,9 отсто, „домување, вода, електрика, гас и други горива„ и „рекреација и култура“ за 2,7 отсто, „разновидни стоки и услуги“ за 1,4 отсто, „мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата“ за 1 отсто и „облека и обувки“ за 0,2 отсто.
Намалување на индексите имало само кај „комуникациите“ за 0,5 отсто, а „образование“ е на исто ниво како претходната година.