Талибанците вршат широко распространети и сериозни прекршувања на правата на жените и девојчињата во авганистанскиот град Херат, велат здруженијата за човекови права. Тоа предизвикува сериозна загриженост дали водството на талибанците во Кабул е подготвено да ги контролира дејствата на своите членови низ Авганистан.
Advertisements
Во соопштението на Хјуман рајтс воч и Институтот за човекови права на Државниот универзитет во Сан Хозе објавено денеска, се наведува дека откако талибанците ја презедоа власта во Херат на 12 август, тие внесоа страв кај жените и девојките преку пребарување на жени од висок профил, потоа им ја забрануваат слободата на движење на жените надвор од нивните домови, наметнаа задолжителни правила за облекување, строго го ограничија пристапот до вработување и образование, а се ограничува и правото на мирно собирање.
Двете организации велат дека интервјуирале седум жени во Херат по телефон, вклучувајќи активисти, едукатори и студенти на универзитетот, за нивните искуства откако талибанците ја презедоа контролата врз градот. Жените побарале да бидат анонимни, стравувајќи за нивната безбедност.
Интервјуираните жени рекле дека по доаѓањето на талибанците нивните животи се целосно сменети. Тие се „заглавени“ дома, се плашат да излезат надвор без машки продуружник од семејството или поради ограничувањата во облекувањето, а целосно е завршен и нивниот пристап до работа или до образование.
Жените се соочиле и со економски грижи поради загубениот приход и нивната неспособност за работа, а стравуваат и за своето ментално здравје.
„За жените во Херат што ги интервјуиравме, животот што го знаеја исчезна преку ноќ, и тие беа оставени да се кријат во затворени простории, чекајќи во страв да видат дали талибанците ќе дојдат кај нив“, рече авганистанската научничка Халима Казем-Стојановиќ од Институтот за човекови права.
Талибанците ја презедоа власта во Авганистан на 15 август. Тие велат дека овојпат ќе бидат поумерени, за разлика од нивното претходно владеење од 1996 до 2001, кога им забрануваат на девојчињата да одат на училиште и на жените да работат. Но потоа формираа влада составена само од мажи, а наметна и построги правила за жените. Жените може да учат, но само одвоено од мажите, има рестикции во облекувањето, ќе им треба машки член од семејството да ги придружува на патувања подолги од три дена, а се задушуваат и протести на жени.
Извор: РСЕ