Здруженијата за заштита на животните од целата држава со иницијатива за укинување на мерката за задолжително тестирање и автоматска евтаназија на бездомни кучиња со лајшманиоза.
„Ние, здруженијата за заштита на животните од целата држава, заедно ја поднесовме оваа иницијатива пред повеќе од еден месец, со јасно барање – итно укинување на мерката за задолжително тестирање и автоматска евтаназија на бездомни кучиња со лајшманиоза, пропишана во точката 6.2 од Годишната наредба за здравствена заштита на животните“, појаснуваат во соопштението.
Оваа мерка, додаваат, е морален, научен и институционален пораз.
Таа, како што информираат, дозволува убивање здрави животни под изговор на „заштита“, без никакво јавно-здравствено оправдување.
„Наместо превенција и контрола на векторите – единствениот вистински начин за справување со болеста, државата со години го избира најлесниот и најсуров пат: уништување живот.
Од нејзиното воведување, мерката по инерција се повторува секоја година, без никакви резултати, легитимира убивање, служи како параван за трошење јавни средства и претставува смртна пресуда за илјадници здрави, мирни бездомни животни.
Ниедна земја од ЕУ не спроведува ваква пракса, ни оние со висока ендемичност, како Грција, Италија или Шпанија. Светската здравствена организација, ECDC и CDC јасно укажуваат дека лајшманиозата не се пренесува од куче на човек, туку преку песочни мушички.
Значи, не убивањето, туку превенцијата е одговорот.
Покрај тоа, мерката е длабоко неправедна и дискриминаторска – се применува исклучиво врз бездомни животни, а сопственичките остануваат надвор од системот. Тоа е двоен стандард, медицински апсурд и цивилизациски срам“.
Бараат надлежните институции итно да ја укинат оваа мерка и да воведат современ, хуман и европски модел за справување со лајшманиозата преку превенција, лекување, згрижување и удомување, а не ликвидација.
Ова прашање, оценуваат здруженијата, одамна го надминува полето на ветеринарната политика.
„Ова е прашање на вредности, морал и наука – затоа што мерка што медицински и научно е нелогична не може да биде оправдана ниту законски ниту човечки.
Дали сакаме држава што убива или држава што штити?
Македонија може подобро, а животните заслужуваат правда.























