Ема Ананиевска е дипломирана пијанистка, а моментно е на магистерски студии по специјална едукација и рехабилитација при Филозофски факултет во Скопје. Во текот на нејзиното музичко образование имала многу настапи во земјава и во странство, а учествувала и во многу кампањи за подигнување на свеста за лицата со попреченост. Верува дека кога ќе заврши пандемијата ќе има свој солистички концерт.

Ема Ананиевска (26) од Скопје е лице со целосно оштетен вид. Мајка ѝ ја родила во седмиот месец од бременоста, но никој не ни претпоставувал како ќе се одвиваат работите понатаму. Борбата почнала веднаш по нејзиното раѓање. Била тешка само еден килограм, со крварење во мозокот и желудникот, па така првите неколку дена докторите воделе тешка битка за да ѝ го спасат животот.

Фото: Приватна архива

Откако станало извесно дека ќе преживее, се случило нешто што повторно ја вратило на почеток. Имено, докторката што била на смена задолжена за да ги храни бебињата во инкубатор, сакајќи да одмори, дала на некоја од сестрите да ја нахрани Ема. А, таа наместо во хранопроводник, шприцот со храна несакајќи почнала да го вбризгува во душникот. И така животот на Ема повторно бил доведен во опасност. За да ја вратат во живот ѝ била дадена преголема доза на кислород без заштита на очите, и на Ема ѝ се оштетил видот.

Фото: Приватна архива

– Кога моите родители ме земале од болница после два и пол месеци поминати во инкубатор им кажале дека е сè во ред со мене и дека можеби ќе треба да носам наочари. На почетокот не обрнувале внимание на тоа што сум го спуштала погледот надолу сметајќи дека тоа е поради моето предвремено раѓање. По некое време веќе почнале да се загрижуваат зошто воопшто не реагирам и не погледнувам никого. Почнале да одат по доктори, но никој не знаел да им даде точна дијагноза – раскажува Ема.

Фото: Приватна архива

Страшно ми пречеше тоа што се разликувам од другите

На 6-месечна возраст во Белград им кажале дека има целосно оштетување на видот и дека се работи за лекарска грешка. На првиот роденден ѝ е направена првата операција во Русија, следувала уште една операција и интервенција. Ѝ бил среден очниот притисок кој ѝ бил многу висок и ѝ предизвикувал страшни болки. Вели дека како дете очите многу повеќе ги држела целосно затворени. Многу често имала непријатни случки, кога играјќи со своите врсници мислеле дека спие, а таа само не знаела како да ги држи отворени очите.

Запишувањето во училиште е уште една многу тешка приказна за Ема и за нејзината мајка која не се откажала да ја истера работата до крај.

Фото: Приватна архива

– Директорката на основното училиште, каде што го завршив основното образование не сакала да ме прими затоа што сум била со сто отсто оштетен вид и сметала дека нема да можам да се качувам по скали. Мајка ми, како правник, знаела како да се избори, и сепак на крај успеала да ме запише со целосна поддршка од Центар за развој на образование, Здружението за заштита на правата на детето и од целата педагошка служба на училиштето, која добро ги познавала моите родители благодарение на мојата сестра која учела во истото. Можам да кажам дека бев одлично прифатена од соучениците. Не сум била малтретирана, но имаше моменти кога страшно ми пречеше тоа што се разликувам од нив, а таа фрустрација зема најголем замав во пубертетските денови – раскажува Ема.  

Како дете имало ситуации кога поставувала прашања од типот – зошто јас не гледам? Често ги прашувала родителите дали им е криво што таа не гледа. А најчесто поставуваното прашање било наменето на татко ѝ: дали ти мене, кога би можел, би ми ги дал твоите очи за да гледам?

Фото: Приватна архива

Кога ѝ поминала таа фаза почнала да се јавува фрустрација на себеприфаќање. Моменти кога веќе сè ѝ станало јасно и била лута на цел свет – зошто баш неа ова ѝ се случува?! Тоа што ѝ помогнало била професијата која ја одбрала – музиката.

Одлучив да свирам пијано

– Во второ одделение се запишав во нижо музичко училиште не знаејќи што е тоа. Родителите ме прашаа дали би сакала да пробам и јас, бидејќи тој период бев во некој „филм“ дека сакам да бидам позната пејачка, па реков – сакам. Се сеќавам на моментот кога ме тестираа и ме прашаа кој инструмент сакам да го свирам, а јас реков: јас сакам да бидам пејачка, а не свирачка. Сепак, одлучив да свирам пијано, зашто тоа беше единствениот инструмент кој знаев како изгледа. Почнав и ми стана многу интересно – раскажува Ема.

Фото: Приватна архива

Се запишала во музичко училиште и била добро прифатена. Најголемиот проблем кој го имала го гледа во недоволната едуцираност на луѓето за што било што се разликува од мнозинството, кој пак потекнува од немањето свест и услови за оние кои се наводно малцинство за соодветен самостоен живот.  

– Што се однесува до инклузијата во образовниот систем, многу ми е драго што некако нешто почна да мрда од мртва точка. Се работи на инклузија на децата со попреченост, се зборува на таа тема и како да се обезбедат услови за нив за да можат да следат настава како и сите други, многу повеќе отколку јас кога го поминував сето тоа. Но, сепак сме многу далеку од светот. Треба да се работи уште многу. Да се приспособи наставниот кадар во училиштата пред сè, а не тоа да биде оставено на добра волја на поединецот како што беше со мене. Верувајте дека воопшто не е пријатно да бидете дискриминирани од оние кои треба да ве учат дека секој може сè ако сака – вели Ема и продолжува:

– Наставниците и професорите се должни да најдат начин да работат со детето со попреченост кога се среќаваат со такво нешто. А најважно, немате претстава колку боли кога професор пред 20 деца ќе ви каже „ти душо ова не можеш“ – само затоа што не сака да се потруди.

Фото: Приватна архива

Ангажиравме човек кој ми помагаше во читањето на нотните материјали

Што се однесува до начинот на учење, исто така имала проблем. Немала никаква литература приспособена за учење. Ниту книги на брајово писмо, ниту аудио книги, ниту во електронска форма. Доколку ѝ биле обезбедени каков било тип на материјали, учењето ќе ѝ одело многу полесно.  

– Сите печатени книги моравме да ги купиме, па материјалот ми го читаа на диктафон од кој јас потоа со слушање ги учев зададените содржини. Секогаш мораше некој од моето семејство да ми чита, за јас да можам да учам. На факултетот за музичка уметност моравме да ангажираме човек кој ми помагаше во читањето на нотните материјали, кои беа во голем обем, а со мали рокови. За да бидам рамо до рамо со моите врсници, морав да вложам многу повеќе труд од останатите – ни раскажува пијанистката. 

Фото: Приватна архива

Инаку, Ема е многу задоволна од тоа што го постигнала во животот, бидејќи, како што вели, никогаш ништо не добила на карта сожалување. Секој нејзин успех се должи на многу труд, но пред сè на многу работа на себе и прифаќање на состојбата таква каква што е, секако со безрезервна поддршка од нејзиното семејство и најблиските пријатели.

– Би сакала да ви кажам: немојте да ги сожалувате лицата со попреченост, тие се исти индивидуи како и сите останати и третирајте ги така. Едуцирајте се повеќе за различностите, прифаќајте ги, за да нема маргинализирани групи на луѓе. Ако некој  лично не ве повредува, немате право да го дискриминирате и осудувате само затоа што ви е така полесно – нагласува Ема Ананиевска.


Би сакале да ја раскажете Вашата животна приказна? Стапете во контакт со нас на е-маил адресата [email protected]