Со солзи во очите и растреперен глас вечерва на македонските граѓани се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за пожарот во Кочани со 59 загинати и 155 повредени. Кажа дека ги посетила повредените во болниците и повика да ги здружиме силите околу преживеаните. Почара дека никој не смее да избегне одговорност.

„Почитувани и сакани граѓани, ве молам водени од хуманоста и емпатијата да се сплотиме во болката свесни дека смртта и болеста подеднакво не допираат сите без оглед на каква било припадност. Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овојпат не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите. Да ги здружиме силите околу преживеаните. Да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитото и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

И таа, како и многумина политичари денес, рече дека не знае со кои зборови да им изрази сочувство на родителите и најблиските на загинатите.

„Вашата неизмерна болка е и моја. Утринава ги посетив болниците. Пред нив ме дочекаа родителите на повредените со надеж и доверба во медицинскиот персонал. И јас, како нив, верувам дека ќе го сторат не само можното туку неможното за да им помогнат на нивните сакани“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

И во оваа трагедија претседателката нагласи дека не сме сами оти за помош веднаш се огласија не само соседните туку и подалечните држави и кажа дека најтешко повредените се транспортираат на специјализираните клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција заради добивање врвна медицинска помош и интервенција.

„Добрите луѓе од целиот регион, Европа и светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни“, рече претседателката на крајот од обраќањето.