Tриесет контејнери за текстилен отпад ќе бидат поставени на различни локации низ oпштина Кисела Вода, со што на граѓаните ќе им се овозможи правилно одлагање на употребената облека и домашниот текстил, како и активно вклучување во процесите на селектирање и рециклирање.
Ова е овозможено со денешното потпишување на договорот меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје. Со воспоставената соработка се создава јасно дефиниран и одржлив систем за соодветно постапување со текстилен отпад, негово собирање, селектирање и рециклирање, во согласност со важечкото законодавство и највисоките еколошки стандарди.
Проектот ќе се реализира во две фази. Во првата фаза, контејнерите ќе бидат поставени на 15 локации, пред месните заедници во општината, со цел тие да бидат лесно и рамномерно достапни за сите граѓани. Во втората фаза, дополнителни 15 контејнери ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки, со што иницијативата ќе добие изразена едукативна димензија, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и поттикнување одговорни навики уште од најрана возраст.
-Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите иницијативи испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Изразувам искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и за посветеноста со која придонесуваат кон почиста и поздрава околина- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје е регистриран колективен постапувач за управување со отпаден текстил, согласно Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Компанијата поседува значајно искуство во оваа област и претставува сигурен партнер во процесот на унапредување на системите за заштита на животната средина. Само во текот на 2024 година, истата има собрано околу 400 тони текстилен отпад на територијата на државата. Овој резултат е јасен показател за ефектите од систематското управување со текстилен отпад и за потребата од заедничко дејствување на институциите, компаниите и граѓаните во насока на одржлив развој и заштита на животната средина.
Текстот Жителите на Општина Кисела Вода добиваат 30 контејнери за текстилен отпад е превземен од МАКФАКС.























