На стартот на грејната сезона жители на 320 станбени згради во Скопје нема навремено да добијат парно греење. Тоа се објекти кои се приклучени на системот за топлинска енергија на Балкан Енерџи Груп. Од БЕГ велат се работи за проблеми со подстаниците. Службите од компанијата при проверка во зградите наишле на блокирани врати каде се наоѓаат подстаниците, а кај дел била и исклучена струјата поради неплатени сметки. Од Регулаторната комисија за енергетика за Алсат велат дека советите на станарите или управителите на згради навремено да ги подмируваат сметките за подстаниците да може непрекинато да работат во зимскиот период.

Advertisements

„Има една новина која планира БЕГ да ја воведе, а тоа е известување по СМС на потрошувачите кои што имаат проблем со испорака на топлинска енергија со цел да знаат што е причината за прекинот во испораката. Многу често се случува во една зграда со повеќе влезови и повеќе станови, само кај еден потрошувач да има проблем со радијаторите да треба да биде исклучена цела зграда. И станарите тогаш треба да бидат известени дека за тоа“, рече Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Во однос на граѓаните пак кои се грејат на струја, со клима инвертори, или други грејни тела кои работат на електрична енергија, од државните електрани велат дека навремено и без проблеми ќе влезат во новата грејна сезона и струја ќе има доволно за сите.

„Доколку сите корисници се легално приклучени во дистрибутивната мрежа, нема да постои преоптоварување на истата. Преоптоварувањето се случува тогаш кога граѓаните нелегално се приклучуваат. Секако, дивото приклучување предизвикува дефекти кои тешко и долго време се санираат, материјална штета и загрозување на животот и здравјето на граѓаните“, велат од ЕСМ.

Најголем број граѓани и натаму ги затоплуваат своите домови со огревни дрва, кои и натаму се најисплатлива опција од печките на пелети и останатите алтернативни методи за загревање на домот.

Иле Петревски