Жители на Градско и населените места од Општина Градско кои работат во Велес и обратно жители на Велес кои работат во Градско и околината  поради асфалтирање на регионалниот  пат  Велес – Градско се револтирани бидејќи од денеска, па се до 22 јули во периодот од 8 до 18 часот, во време кога одат и се враќаат од работа повторно, како и во повеќе наврати досега повторно се принудени  секојдневно да патуваат само преку автопат. Така тие не по свој избор, а без друго алтернативно решение од страна на инвеститорот се принудени секојдневно да плаќаат патарини на автопат од 60 денари во еден, односно 120 денари во двата правци.

Од АМСМ на својата веб страна информираа дека поради асфалтирање  на региналниот пат Р1102 Велес – Градско од денеска до 22 јули овој патен правец во периодот од 8 до 18 часот целосно ќе биде затворен за сообраќај.

Жители на Општина Градско и Велес се револтирани дека тоа е периодот кога одат и се враќаат од работа па се принудени на дополнителни трошоци секој ден плус 120 денари. Тие од надлежните кои го реконструираат патот, односно од ЈПДП  подолго време бараат да им бидат дадени налепници дека се од овие населени места и да бидат ослободени од секојдневно плаќање на патерините.

Стојанче Перов од Градско, кој работи во Велес изјави за МИА дека е револтиран од тоа што за време на реконсрукцијата на регионалниот пат Градско  – Велес во повеќе наврати бил принуден исклучиво да вози на автопат и да плаќа патарина. Тој додава дека реконструкцијата трае веќе подолго од девет месеци колку што првично беше најавено во медиумите.

Реконструкцијата започна на 28 септември лани и беше најавено дека ќе трае девет месеци, а рокот истече на 28 јуни.

Инаку денеска регионалниот пат Велес – Градско се асфалтираше кај патарината веднаш по археолошкиол локалитет „Стоби“.

Работите, според најавите од АМСМ, треба да бидат завршени до 22 јули годинава.