Со уредно платени комуналии за куќите, жители на четири улици кои припаѓаат на Општина Чучер-Сандево, иако се многу поблиску до Бутел, бараат новиот градоначалник да го реализира предизборното ветување и да им изгради канализација. Претставници на улиците Бел Камен, Бутелска 31,33 и 35 побараа прием и го потсетија новоизбраниот градоначалник на Општина Чучер Сандево, Зоран Бајовски, дека нивниот децениски проблем треба да го стави на листата приоритети, токму како што и ветуваше пред изборите.

Улицата Бел Камен е претворена во решето оти кој како стигне ја прекопува, се пожалија жителите

„Му оставивме неколку недели на новиот градоначалник да се прилагоди на функцијата, но не можеме повеќе да молчиме. Со децении ниту еден досегашен градоначалник не се амбицираше да го реши проблемот со канализацијата, а сите ветуваа дека ќе го решат. Побаравме известување од градоначалникот во која фаза е изградбата на најавената канализација оти на терен нема никакви активности, побаравме да ја обнови улицата Бел Камен која е претворена во решето оти кој како стигне ја прекопува, а бараме и жителите од овој дел од општината да гласаат во соодветната општина, не половина да гласаат во Бутел половина во Чучер Сандево, како што е сегашното решение“, вели претставник на жителите на четирите улици.

На делови од улицата Бел Камен речиси и да нема траги од асфалт

Покрај тоа што усно му ги кажале барањата, жителите од четирите улици му ги доставиле на градоначалникот барањата и во писмена форма. Му оставиле рок од 15 дена во кој ќе чекаат одговор, а доколку не го добијат ќе ги известат сите надлежни институции, а не ја исклучуваат и можноста за протести оти се решени да не дозволат да истече уште еден градоначалнички мандат без решение на проблемот.

Градоначалникот Бајовски вели дека веќе работи  на изнаоѓање конкретни решенија на сите проблеми што му ги посочиле жителите и уверува дека ќе ги реши децениските проблеми кои му паднало да ги решава токму нему оти претходниците не направиле разлика.

Градоначалникот Бајовски вели дека прво ќе го стокми буџетот па потоа ќе почне со реализација на ветувањата

„Сите овие се проблеми кои не се од сега туку од децентрализацијата во 2005 година, но ќе ги решиме. За канализацијата на Бел Камен и улиците Бутелска 31,33 и 35 веќе се подготвуваме за нарачка на проект оти со сегашните проекти не се целосно опфатени. Еден дел ќе бидат опфатени со проектот за Кучевишка Бара, друг дел, оние куќи што се под патот на Бел Камен , заедно со повисоките делови од Бутелска 31,33 и 35 треба да се стават во нов проект оти нив ги нема во ниту еден досегашен. Мојата идеја е за нив да се направи посебен проект со вод кој што ќе оди покрај коритото на Серава за што ќе ни треба соработка со Општина Бутел, но сепак ќе има куќи кои се пониски од нивото на планираните канализациски водови за кои жителите бараат пумпи, но последниот збор за тоа ќе го имаат проектантите. Ќе направиме се што е изводливо“, вели градоначалникот Бајовски за „Макфакс“.

На општинарите им претстои подготовка на буџетот за 2026 година во кој треба да бидат предвидени средства за канализацијата и за обнова на улицата, а конкретни чекори градоначалникот Бајовски најави веќе во јануари.

Текстот Жители на Чучер-Сандево тргнаа во наплата на изборните ветувања: ја бараат ветената канализација од градоначалникот Зоран Бајовски е превземен од МАКФАКС.