Жетвата на пченицата скоро на половина, а откупната цена сè уште не е дефинирана. Земјоделците велат дека оваа жетва ќе биде катастрофална. За најавената откупна цена од страна на мелничарите која би се движела од 9 до 10 денари за килограм, велат дека нема да ги покрие ни трошоците. Во изминатата недела имале неколку средби – и со ресорното министерство и со мелничарите, но договор не бил постигнат.
„За оваа година по наши пресметки како земјоделци производната цена е околу 12 денари, ланската производна цена пресметана од министерството за земјоделство пресмета просечна цена од 10,30 денари, а пченицата се даваше од 9 до 10 денари што ние не ја покриваме производната цена…“, рече Стеванче Јорданоски- Национална федерација на фармери.
За да се дојде до повисока цена, но и загарантиран пласман, земјоделците бараат државата да откупува околу 40 илјади тони за стоковите резерви и тоа на самиот почеток на летото. Но, од Министерство за земјоделство велат дека жетвата се одвива според планот без да одговорат конкретно дали има проблеми на терен.
„Пченицата е засеана на вкупна површина од околу 78 илјади хектари и со состојбата од 12 јули, ожнеани се околу 35 проценти од вкупната површина…“, велат од министерството за земјоделство.
Инаку, за потребите во земјава годишно требаат околу 300.000 тони пченица. Најголемиот дел Македонија го задоволува од домашното производство. Но, податоците на Националната федерација на фармери говорат дека во последните 19 години производството на пченица е намалено за 20 проценти. Според нив, тоа се должи на неорганизираниот систем и ниската откупна цена кој го намалува интересот за производство.
Андреа Чобанова