Пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ и Димитар Апасиев од Левица денеска во Собранието реагираа за вчерашната одлука на спикерот Талат Џафери со која беше отфрлена Иницијативата за референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицевски го обвини Џафери дека „повторно земал повеќе право од што имал“.

-Повторно земавте повеќе право од што имате, нешто што не е ваша обврска, а за тоа што велите дека Иницијативата е неуставна, би рекол – ајде да изградиме фронт за борба против криминалот и корумпираните политичари, рече Мицевски.

Апасиев, пак, предочи дека кога има достава на Иницијатива за референдум, претседателот на Собранието е овластен само формално-правно да испита дали е уредна или не. Отфрлањето на Иницијативата е сериозно прашање кое, како што напомена Апасиев, Деловникот го третира не како спикерско, туку како пленумско овластување.

-Немате други ингеренции, освен да ја доставите Иницијативата до Законодавно-правната и до матичната, Комисијата за политички систем. Овие комисии требаше да ви дадат мислење, тоа е вториот чекор – да кажат дали Иницијативата е уредна или не. Третиот чекор е, ако се утврди дека Иницијативата е неуредна, да се стави на дневен ред на првата следна собраниска седница. Четвртиот чекор е – Собранието, не спикерот, со заклучок да утврди дали Иницијативата е уредна или не и дури тогаш се известува официјалниот предлагач, во случајот Мицкоски, во рок од три дена. Вие сте пратиле обично известување кое не е правен акт и сето ова го имате прекршено преку силеџиско толкување на Уставот, објасни Апасиев.

Џафери на обвинувањата одговори дека Парламентот работи според Уставот и Деловникот, а претседателот на Собранието е должен да ги следи работите не само како форма, туку да ја следи и нивната суштина.

-Ова е Собрание, а не суд вие да судите. Ако сметате дека сте во право, има процедура, соодветен посебен уставен орган, со соодветни надлежности. Обратете се таму, ќе ви одговорат. Има Уставен суд. А ако има работа и за Јовески, јавете се и кај него, му рече Џафери на Мицевски.

На Апасиев, Џафери му порача да ги чита законите и дека целта на обвинувањето му е да собира политички поени.

-Верувам дека ова што го прочитавте ќе имате можност да го кажете пред студентите. Тука сме во Собрание, а не на факултет за да ни држите предавање. Сакате да добивате политички дневни поени, рече Џафери.