Претседателот на Евроатлантскиот совет, Исмет Рамадани во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 побара од водителот и телевизија да не се подгреваат меѓуетнички тензии истакнувајќи ги само одредените радикални изјави на некои албански политичари од опозицијата, притоа нереагирајќи на подгревачките националистички изјави на политичари од Левица, ВМРО-ДПМНЕ и останати партии од македонската опозиција.
„Немојте цело време албанските политичари, албанските политичари. Што изјави има во континуитет од Левица и структури во ВМРО-ДПМНЕ, додека немаше вакви изјави од ниту една партија од Албанците? Во раководството на ВМРО-ДПМНЕ има три-четири луѓе кои во 90тите години кога настапуваа против Педагошкиот факултет викаа ‘гасни комори за Албанците’“ рече Рамадани.
Аналитичарот истакна дека националистички изјави има од двете страни, а не само кај Албанците, но во јавноста се напаѓаат само Албанците и национализмот се поврзува со нив.
„Да бидеме праведни, во континуитет поекстремни и националистички партии има кај македонскиот блок, а не кај албанските партии“ рече Рамадани.
На ваквата негова забелешка реагираа водителот, Александар Видиновски, но и директорот на телевизијата Иван Мирчевски, кои рекоа дека тие никогаш не правеле поделби и сегрегации, по што побараа извинување од Рамадани.
„Не се знаеме лично, но долго време работам во медиумите и ваков однос према медиум и новинар досега не сум забележал. Правите директно сегрегација. Никој, никаде и никогаш не прави поделба на луѓето во Македонија, ниту во светот на верска и етничка основа. Најмалку во Канал 5 имате право да кажете, особено за овој новинар, дека намерно потенцира и сака да ги навреди Албанците. За мене во Македонија сите се Македонци, сите сме граѓани на Македонија“ рече директорот Мирчевски.
Тој на крајот побара да се прекине емисијата и Рамадани да го напушти студиото, откако гостинот му сугерираше дека имало националистички настапи во емисијата за кои не се реагирало.