Бурна расправа и голем број процедурални забелешки. Вака се водеше дискусијата на Комисијата за европски прашања на која на дневен ред се најде Законот за државјанство овој пат вратен од Владата со европско знаменце. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојано бараше процедурално при што не можеше да се усвои дневниот ред. Расправата се вжешти откако пратеникот Зекир Рамчиловиќ и даде копии од лица без државјанство на пратеничката Марија Петрушевска.
„Атмосфера….. ќе ме интересираат да… да… апсолутно. Погледнете колегата кој што гласаше за уставни измени, погледнете конечно сака да си го оправда предавството но тоа никако не може да се испере“, истакна Марија Петрушевска.
Професорката Гордана Силјановска вели дека нема никаква основа овој закон да има европско знаменце.
„Членот 178 од Законот кој што се однесува на скратената постапка кога е во прашање дури и усогласување со ЕУ-законодавството и правото во последната алинеја вели – тоа не е автоматски туку ако не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на ЕУ. Ниту има овде усогласување со правото на ЕУ, ама да бидам искрена државјанството е еден многу сложен институт“, посочи Гордана Силјановска.
Опозицијата ги бараше на увид сите илјада амандмани кои се поднесени, но од владејачкото мнозинство инсистираа прво да се утврди дневниот ред за да почне да тече времето од два дена за расправа. Скендер Реџепи од Алијанса Алтернатива ги повика пратениците да го усвојат законот.
„Да се реши проблемот на тие што треба, не треба да вршиме политички тензии, не треба да мислиме дека бројот на Албанците ќе се зголеми со пописот. Тоа се докажа, само 20 посто од Албанците се во дијаспора, ние немаме потреба за да го докажеме бројот. Немој да ги храните со шовинизам луѓето“, посочи Скендер Реџепи.
Законот за државјанство има европско знаменце и се носи по скратена постапка. Со него е превидено државјанство да може да се стекне со приложување на лични документи, извод од родени, работничка книшка, имотен лист, комунални сметки, здравствена книшка, платени даноци и друго.