Здружението на лекари во Германија е за укинување и се повикува на малиот број на зарази, додека виролозите сметаат дека овој потег е „прилично глупав”, пишува “Дојче веле”.
Според податоците на Институтот „Роберт Кох” во Германија моментално посебно е голем бројот на зарази меѓу децата во претшколска возраст и адолесцентите до 19 години.
Експертите од Институтот “Роберт Кох” како и некои медиумски експонирани виролози веќе со денови предупредуваат дека Германија на есен и во текот на зимата ја очекува нов и посилен бран на зарази со коронавирус.
Истовремено, се пожестоки се расправите за обврската за носење на маски во училиштата. Во неколку сојузни покраини во Германија обврската за носење маски е веќе укината за одредени возрасти. Во Германија за образованието се надлежни сојузните покраини, па Владата тука нема ингеренции.
Лекарите и посебно педијатрите – за укинување
Сосема е непримерно децата и младите за време на часовите во училниците да носат маски, додека возрасните можат во кафуле без маски, рекол претседателот на Здружението на лекари Клаус Рајнхарт.
Со тој став се согласува и претседателот на здружението на педијатри Томас Фишбах:
Сметам дека продолжувањето на обврската за носење маска во училиште е несоодветна.
Тој не гледа причина зошто учениците во основните училишта би продолжиле да носат маски на настава, посебно бидејќи значително помалку придонесуваат за ширењето на инфекцијата од адолесцентите и возрасните. Тој смета дека одлуката мора да се темели на инциденцијата и на возраста на децата и додава дека не може да се очекува од најмладите да носат маски за да покажат почит кон оние кои не сакаат да се вакцинираат.
Виролозите и просветните работници – против
Меѓутоа, Мелани Бринкман, специјалист за вирологија, смета дека укинувањето на задолжителното носење на маски во училиштата е прерано.
Ако сакате да укинете нешто за што е научно докажано дека е корисно и што не чини речиси ништо, можете да го направите тоа. Прашањето е само дали е тоа паметно”, вели Бринкман од Хелмохолц-центарот за истражување на инфекции во Брауншвајг. Таа смета дека “со оглед на големиот број на невакцинирани, вклучувајќи ги и децата, оваа одлука е прерана – и прилично глупава.
Германското здружение на просветни работници исто така е скептично во поглед укинувањето на задолжителното носење на маска за учениците, а и синдикатот за образование исто така повикал на внимателност. Тврдат дек децата би можеле сериозно да се разболат и да развијат долгорочни последици од инфекцијата.
Педијатрите, од друга страна, тврдат дека постои научен консензус дека децата и адолесцентите ретко сериозно заболуваат од ковид-19 и дека обично брзо закрепнуваат.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.