Утврден е идентитетот на жената убиена синоќа во нередите во Капитол во Вашингтон, при што жртви станаа уште три лица, а беа повредени најмалку 14 полициски службеници, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Се работи за 35-годишната Ешли Бабит, родена во Калифорнија. Била поранешен ветеран во воздушните сили на САД која служела во Авганистан и Ирак, а потоа како дел од Националната гарда испратена во Катар и Кувајт, пишува Вашингтон пост.
Како поддржувач на Доналд Трамп, таа била во групата што го скрши прозорот и продре во зданието на Конгресот. Во тој момент се слушнал истрел и Бабит, со знаме на Трамп околу појас, паднала на под раскрварена околу рамото. Некој извикал: „застрелаа девојка“!
Полицијата подоцна потврди дека таа починала. Според весникот, повикувајќи се на исказ од нејзиниот поранешен сопруг, Бабит била жесток поддржувач на претседателот Трамп, искажувала поддршка за него на социјалните мрежи и честопати ги истакнувала неговите теории на заговор и лажни тврдења за изборна измама.
Таа била застрелана од полициаец на Капитол хил, изјави службеното лице Роберт Конти трети.
Бабит беше една од четирите жртви како резултат на нередите и хаосот во Капитол синоќа.
Трите други жртви се една жена и двајца мажи, нивните идентитети се уште не се утврдени. Конти изјави дека тие биле на места околу Капитол хил и дека тројцата „преживеале одделни критични ситуации што резултирало во нивна смрт“.