Француската дизајнерка на ентериер, Ана (53), која плати 830.000 евра на измамник којшто користел вештачка интелигенција за да ја убеди дека разговара со Бред Пит, сега боледува од тешка депресија, а нема ниту дом и финансиски средства. Очајнички се обидува да се опорави и да си ги врати парите , откри за Дејли Мејл нејзината адвокатка.
Адвокатката Лорен Хана од Париз раскажа како нејзината клиентка била јавно етикетирана како глупава и наивна и била толку безмилосно вознемирувана на интернет што морала да ги избрише сите нејзини профили на социјалните мрежи.
Ана, која исто така помина низ развод, три пати се обидела да си го одземе животот, вели адвокатката.
Пред два месеци таа се пријавила на психијатриска клиника.
Зборувајќи оваа недела, Хана го опиша нејзиниот случај како ужасен и рече дека е зачудена од реакцијата на социјалните мрежи.
Во целата измамничка шема била вклучена и мајката на Бред Пит, Џејн Ета Пит, иако таа самата немала никаква врска со оваа измама. Лажната Џејн најпрво ја контактирала во порака на социјалната мрежа, коментирајќи дека на нејзиниот славен син му треба некој како неа, што било дел од манипулацијата за да ја добие нејзината доверба.
Измамникот комуницирал со Ана преку лажни профили на социјалните мрежи, испраќајќи ѝ лажни фотографии и пораки и во текот на 18 месеци ја убедувал да му испрати многу пари за наводно лекување. Тој тврдел дека боледува од рак на бубрегот и дека неговите финансиски средства се недостапни поради замрзнатите сметки како резултат на неговиот развод со Анџелина Џоли.
Му праќала пари на турска сметка.
Добивала песни, фотографии на кои Бред Пит бил создаден со помош на вештачка интелигенција, легнат, во болнички кревет, го гледала како ги користи апаратите, прима лекови, а сето тоа било придружено со неговите изливи на љубов.
За да докаже дека боледува од рак, тој и испратил на Ана мејл од „доктор“ во кој пишувало дека актерот умира.
Ќерката на Ана наводно и рекла на мајка си дека разговара со измамник, а не со холивудски заводник, но таа одбила да поверува.
„Ќе видите кога ќе дојде лично, па ќе се извините“, ѝ рекла на својата ќерка, пишува „Њујорк пост“.
Жената сфатила дека е измамена кога вистинскиот Бред Пит бил фотографиран со неговата сегашна партнерка Инес де Рамон во текот на летото.
Откако и станало јасно дека е жртва на измама, Ана ја споделила својата приказна во телевизиското шоу „Sept à Huit“ на францускиот канал TF1. Сепак, таа се соочи со бран на потсмев и сајбер малтретирање на социјалните мрежи, што довело до повлекување на емисијата од интернет. Ана изјавила: „Јас не сум луда или глупава“, нагласувајќи дека била жртва на софистицирана измама која користела напредни технологии за вештачка интелигенција.
Бред Пит го изрази својот бес поради оваа измама. Неговиот тим ги предупреди обожавателите да бидат внимателни на непознати пораки, истакнувајќи дека тој нема лични профили на социјалните мрежи.
„Се прашувам зошто ме избраа мене за ваква штета“, рече Ана за измамниците.
„Никогаш никому не сум строрила лошо. Тие луѓе заслужуваат пекол“, додаде таа.
Откако се емитуваше нејзината приказна, ситуацијата на Ана само се влоши бидејќи стана жртва на сајбер малтретирање.
Француската телевизија TF1 го повлече интервјуто поради омразата на интернет. Не се знае дали измамникот е фатен, а вчера „Дејли Мејл“ објави дека тим французи успеале да го лоцираат во Нигерија.