Француската полиција поднесе обвинение против 38-годишна жена осомничена за учество во голема кражба на накит од парискиот музеј Лувр, во која биле украдени предмети вредни околу 88 милиони евра, објави Би-Би-Си.

Жената, која не е именувана, се товари за учество во организирана кражба и злосторничко здружување. Како што јави АФП, таа се расплакала пред судот додека го потврдувала своето живеалиште во париското предградие Ла Курнев.

Во полициската акција биле уапсени вкупно пет лица, од кои едно е ослободено без обвинение, а едно лице кое директно учествувало во грабежот сè уште е во бегство.

Кражбата се случила на 19 октомври, непосредно по отворањето на музејот, кога групата крадци со украдено возило и механичка кревачка платформа се искачила до балконот на Галеријата „Аполон“ и со брусилка ги скршила стаклените витрини. Целата акција траела само четири минути.

Меѓу украдените осум парчиња се и тијарата на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III, како и накитот на Мари-Луиз. Украдените предмети сè уште не се пронајдени.

По инцидентот, француските власти ги засилија безбедносните мерки околу културните институции, а дел од највредните експонати од Лувр биле преместени на чување во Француската банка.

Фото: Pixabay/pexels

Текстот Жена обвинета за спектакуларната кражба на накит од Лувр вреден 88 милиони евра е превземен од МАКФАКС.