„Нашата цел не е приклучувањето кон еврозоната – нашата цел е да бидеме дел од еврозоната,“ изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Бугарскиот премиер истакна дека еврото не е само парична единица, туку стратегиски избор што го потврдува местото на Бугарија во срцето на обединета и силна Европа. „За нас тоа значи полно учество во европската економска архитектура – поголема доверба на инвеститорите, пониски трошоци за бизнисот и граѓаните, повисока стабилност и заштита од надворешни шокови, забрзан економски развој и поголема конкурентност,“ рече Желјазков.

Тој потсети дека одлуката од 8 јули за приклучување кон еврозоната е симбол на довербата на европските институции кон Бугарија.

Желјазков нагласи дека патот на земјата кон еврото не бил ниту лесен ниту краток – започнал со влезот на Бугарија во Европската унија во 2007 година. По 2018 година, процесот добил значителен замав, а Бугарија презела низа важни обврски.

„Реформите не беа лесни, но беа неопходни. Денес Бугарија е подобро место за живеење токму поради нив,“ додаде премиерот, изразувајќи цврсто уверување дека бугарските граѓани со своето срце го избираат европскиот пат.

Според него, успехот на воведувањето на еврото зависи не само од институциите, туку пред сè од довербата на граѓаните. „Тоа доверие со години беше намерно подкопувано од антиевропски политички играчи. Тие дел од бугарската јавност ја свртеа против еврото, користејќи невистини и страв. Но, и покрај тоа, мнозинството Бугари продолжуваат да ја избираат Европа,“ истакна Желјазков, додавајќи дека тој избор нема алтернатива.

Премиерот изрази уверување дека сите сомнежи наскоро ќе исчезнат. Тој потсети дека во почетокот на информативната кампања доминирале скептиците, но сега јавната поддршка за еврото е повисока за седум процентни поени.

„Бугарија денес е подготвена во сите аспекти – законска рамка, логистичка подготовка, адаптација на платежните системи. Подготвени сме за мирен премин кон еврото. Бугарија е подготвена за својата иднина,“ заврши Желјазков.