Односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија треба да бидат како оние меѓу добрите соседи и време е двете страни да го сфатат тоа и да работат за доброто на нашите граѓани, рече претседателот на бугарското Народно собрание Росен Желјазков на средба со претставници на бугарската заедница во Република Северна Македонија, што се одржа во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, јавува БТА, пренесува Трибуна.

На средбата со претставници на здруженија од Охрид, Прилеп, Велес, Битола, Штип, Струга, Желјазков посочи дека проблемите не треба да се разгледуваат низ призмата на „секогаш претстојните избори “.

„Три децении не успеваме да го најдеме вистинскиот начин да разговараме меѓу себе за помладите генерации да се чувствуваат како вистински Европејци во нашиот заеднички дом. Европа е местото каде што со тешкотии и низ многу векови ги достигнавме достигнувањата на хуманизмот, правдата и достоинството на поединецот, а Бугарија и Северна Македонија се повикани да докажат дека споделуваат заеднички европски вредности“, истакна Желјазков.

Во неформален амбиент, претседателот на бугарскиот парламент се запозна со проблемите како јазикот на омразата со кој се соочуваат претставниците на бугарската заедница и очекувањата за изнаоѓање решенија за намалување на тензиите меѓу двете земји.

„Заедничката историја треба да го направи Балканот пообединет, посилен и поатрактивен за инвестиции. На оваа основа можеме да градиме мостови, да не се делиме, туку да се стремиме кон заедничка европска иднина. Општо правило е дека мора да се градат мостови, а кој ќе погледне назад може да се сопне напред“, истакна Росен Желјазков.

Претседателот на бугарскиот парламент е во работна посета на Скопје на покана на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, со кого ќе има средба утре.

Желjазков и Џафери, заедно со министрите за култура на Бугарија и Северна Македонија, ќе ја отворат и изложбата „Сребрена Тракија“, со над 1.700 експонати од 18 музеи во Бугарија, која до 7 април ќе биде изложена во Археолошкиот музеј во Скопје.