Премиерот на Бугарија, Росен Желјазков, изјави дека воведувањето на еврото ќе донесе сериозни придобивки за бугарската економија – поголема конкурентност, повеќе сигурност, зголемување на приходите и уште поефикасно функционирање на заедничкиот европски пазар, јавува владината прес-служба на Бугарија.

Желјазков говореше во Бургас, каде учествуваше на отворањето на информативните настани од Комуникациската кампања за еврото. Тој нагласи дека еврото има повеќе предности од која било од старите национални валути на земјите членки што веќе ја усвоиле заедничката валута. „Еврото е заедничка, а не туѓа валута. Ние ја прифаќаме валутата на речиси 400 милиони граѓани на Европската унија,“ истакна премиерот.

Премиерот ја претстави целта на комуникациската кампања – разјаснување на патот кон воведувањето на еврото, без ограничување на „добро познати клишеа“. Според него, посебно внимание треба да се посвети на поранливите групи во општеството, кои се најмногу изложени на манипулации и шпекулации.

„Оваа кампања е информативна, не пропагандна. Таа мора да објаснува, а не да убедува,“ рече Желјазков, нагласувајќи ја важноста на довербата во институциите и вложувањето во вистината како најсилна алатка против лажни вести, дезинформации и обиди за создавање страв во јавноста.

Тој апелираше медиумите да бидат сојузници во овој процес: „Вложувањето во вистината е скапо и токму затоа медиумите имаат суштинска улога – тие се повикани да ја пренесуваат вистинската информација.“