Бугарскиот премиер Росен Желјазков, на средбата со европскaта комесарка за проширување Марта Кос, истакна дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија е стратешки избор кој обезбедува стабилност, конкурентност и просперитет за целиот регион, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
„Европската иднина на Западен Балкан е гаранција за мир и превенција од влијанија кои целат кон разединување,“ изјави Желјазков.
Желјазков ја нагласи јасната бугарска позиција за поддршка на европскиот пат на секоја земја од Западен Балкан, заснована на индивидуален пристап и постигнат напредок.
„Ангажираноста кон реформите мора да биде двострана. Потребни се чесност, предвидливост и дијалог,“ додаде тој.
Премиерот го поздрави присуството на Марта Кос во Софија, нарекувајќи го „израз на доверба дека заедно ќе дадеме нов импулс за иднината и просперитетот на нашите земји.“ Тој истакна дека без интеграцијата на Западен Балкан, европскиот проект не може да биде завршен.
Марта Кос, европскиот комесар за проширување, ја потврди важноста на европската интеграција за стабилноста и безбедноста на регионот. „Треба да го надминеме заморот. Вреди да се инвестира во реформите за ЕУ. За успех е потребен став кој ќе ја надмине болката од минатото. Тоа бара лидерство,“ изјави Кос.
Таа истакна дека интеграцијата на соседните земји на Бугарија во ЕУ ќе донесе значителни придобивки за трговијата, бизнисот и поврзаноста. Кос и Желјазков разговараа за новата стратегија за Црно Море, која Европската комисија наскоро ќе ја претстави. „Регионот на Црно Море е клучен за нашата безбедност, трговија, енергетски врски и како мост кон Турција, Грузија, Ерменија и Азербејџан,“ истакна Кос.
Кос ја нагласи и важноста на присоединувањето на Бугарија кон еврозоната, додавајќи дека Бугарија треба активно да учествува во изготвувањето на новата стратегија за Црно Море.