Како држава во рекордно време ги преземавме сите мерки и протоколи кои требаше да бидат преземени како никогаш досега, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на повредените пациенти од пожарот во Кочани кои се сместени во болницата ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Во врска со лиценците за работа на дискотеката и сличните објекти во државата, тој изјави дека во моментов трае акција на Државен пазарен инспекторат на цела територија на државата.

„Согласно законот за угостителство, се лиценцираат кабареа, отворени и затворени дискотеки. Нивната бројка е многу поголема од тие кои имаат законски документ. Во 2007-ма е сменет законот, во тие измени документите кои ги доставува правното лице кое бара лиценца, тврди под морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс-официо не се проверени тие документи. Така што, овој објект од 500 и нешто квадратни метри не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките сумата која треба надоместокот да се плати, е поголем од тие што се лиценцираат за кабаре. Се истражува и бидете сигурни дека ниту еден објект кој не ги исполнува, како што стои во законот, минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира. Со сиот ризик и критика која потоа Владата ќе ја трпи“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека жали што досега сето ова се толерирало.

„Жалам што во Министерството за економија дури кога ги добивале документите не ги проверувале. Жалам што за 15 минути за одредена сума, надомест се давани овие лиценци“, рече тој.

Најави робусна акција и сите кои не ги исполнуваат условите за работа ќе бидат затворени и санкционирани.

Текстот Жалам што за 15 минути за одредена сума се давани овие лиценци: Мицкоски најави голема акција и затворање и санкционирање на сите што не ги исполнуваат условите за работа е превземен од МАКФАКС.