Зградата титаник изградена на диво во општина Чаир нема да може да се легализира според измените на новиот Закон за легализација на безправно изградени објекти, кој наскоро ќе се усвои во Владата.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски тврди дека стандбените згради се исклучени од новите корекции на законот, кој наскоро ќе влезе во собраниска процедура.
„Станбените згради се исклучени од овој закон и во претходниот беа исклучени затоа што не сакаме да се прави бизнис преку овој закон. Во претходниот закон имаше таква можност, но сега објектите со А2 намена нема да бидат воопшто третирани, исто и објекти во заштитени зони и подрачја и нема да можат да бидат пондесени барања за легализација за таков тип на објекти“, вели Бочварски во интервју за порталот zoom.mk.
Бочварски уверува дека не го знае објектот, за кои пишуваше Истражувачката новинарска лабораторија затоа што зградата е од втора категорија и е во надлежност на општина Чаир.
„Не знам каков тип на објект е, и не можам да знам затоа што немам документација во Министерството“, се правда Бочварски.