Од Здружението на превозници Макам-транс за Алсат велат дека зголемената акциза на горивата директно влијае врз растот на нивните трошоци. Транспортерите велат дека не само што се меѓу ретките во Европа кои се соочуваат со дополнителни трошоци среде кризата, туку на овој начин им се намалува и конкурентноста во однос на колегите од Европската Унија и од оние во Србија.
„Во услови на пандемија кога сите ние се соочуваме со тековна неликвидност и борба да се опстане на европскиот транспортен пазар, усвојувањето на зголемената акцизата како трајна одредба во Законот, значи зголемување на трошоците на превозот и негативни ефекти за сите превозници, но и за сите други стопанственици и населението воопшто“, велат од Здружение на превозници Макам-транс.
– Advertisement –
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ носењето на акцизата во Собранието е преседан и сигнализира дека власта не знае како да го полни буџетот, па удира по народот. Министерот за финансии денеска не кажа зошто токму сега повторно е донесена акцизата, која првично беше во сила како антикризна мерка за полнење на државната каса.
„Реализацијата на буџетот не се заснова само на акцизите или акцизните стоки, туку генерално во сите ставки на страната на приходите на буџетот“, рече Фатмир Бесими министер за финансии.
Од Регулаторната комисија за енергетика синоќа веднаш објавија корекција на цената на горивата. Бензините поскапеа за половина денар, а дизелот за дури три денари за колку што е и зголемена акцизата. Лани кога владата реши со указ да ја зголеми акцизата, освен што предизвика жестоко незадоволство кај граѓаните, транспортерите организираа масовен протест. Пред владината зграда на Илинденска тие ги паркираа своите камиони и со сирените испратија порака до владата дека со таа одлука им е нанесена голема штета.
Иле Петревски