Работењето во Технолошко-индустриските развојни зони бележи напредок, а само во првите шест месеци од годинава е остварена највисока економска активност, се пофали првиот човек на оваа институција Јован Деспотовски. Рече дека во овој период се склучени договори за нови странски инвестиции во вредност од 105 милиони евра, кои ќе отворат 1.850 нови работни места, истакна Деспотовски. Проекциите до крајот на мандатот се многу поголеми, пренесува ТВ 21.
„До крајот на овој мандат очекувам вкупен обем на нови инвестиции од една милијарда евра и дополнителни 14 илјади работни места. Ова не го кажуваме како пуста желба, ова го кажуваме врз база на фактот дека во моментов разговараме со 30 компании кои што планираат вкупен обем на инвестиции над 400 милиони евра и кои што веќе планираат 8.500 нови работни места“, истакна Јован Деспотовски.
Деспотовски вели дека неодамна имал средби и со бизнис секторот, но и дека се прават и напори за инвестиции и во другите региони на државата.
„Направивме анализа, односно вреднување, прв пат после 20 години на тоа колку реално вреди земјиштето со кое што располага државата во Технолошко-индустриските развојни зони кое што ни е една од алатките за поттикнување на рамномерен регионален развој. Она што е важно е дека сите инвеститори кои што сакаат да инвестираат во поголемите урбани средини, конкретно во Скопје ќе имаат помалку придобивки од државата, односно инвеститорите кои што ќе инвестираат во останатите средини“, посочи Јован Деспотовски.
Што се однесува до 2020 година, Македонија има најголем пад на странски инвестиции во регионот, покажуваат податоците објавени од Конференцијата за трговија и развој на ОН. Странските инвестиции во регионот во 2020 година се намалиле за 14 отсто во однос на 2019 година, во Македонија падот бил скоро три пати поголем. Само Црна Гора успеала да ги зголеми странските инвестиции дури и во пандемијата. Во 2020-та Македонија имала 224 милиони долари странски инвестиции, што е најмалку во споредба со сите земји во регионот.