Ризикот од терористички атентати организирани од крајно десничарски групи е зголемен во Белгија, соопшти министерот за правда во земјата.

Одговарајќи на пратеничко прашање, министерот Винсент Ван Квикенборн, изјави дека националната база на податоци содржи сѐ повеќе лица поврзани со екстремната десница кои се сметаат за опасни по безбедноста, пренесуваат денеска белгиските медиуми.

-Во јануари базата на податоци содржи 28 лица од екстремната десница кои се сметаат за пропагандисти на омраза и 21 лице кои се сметаат за потенцијално насилни екстремисти, овие бројки постојано растат, изјави министерот.

Тој објасни дека ова се должи делумно на влијанието на американските групи кои се залагаат за доминација на “белата раса“ и на теориите на заговор што се шират преку групата QAnon.

Според министерот за правда на Белгија, реториката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите приврзаници е присутна во белгиската екстремна десница, која го дели мислењето дека изборите во САД биле фалсификувани.

-Во Белгија, како и во сите западни либерални демократии, некои групи забележуваат јаз помеѓу граѓани од една страна и народните избраници и институциите од друга, и екстремната десница се вгнезди во овој јаз, рече Ван Квикенборн.

Тој ги увери пратениците дека белгиските разузнавачки служби “со посебно внимание“ ги следат овие групи, како и заканите кои им се упатуваат на здравствените експерти кои ја советуваат владата за кризата со Ковид-19.