Црногорската влада соопшти дека нема правна основа да го продолжи животот на „Монтенегро ерлајнс“.
„Не можеме да донесеме никаква законска одлука да им помогнеме на ‘Монтенегро ерлајнс’“, изјави министерот за капитални инвестиции Младен Бојаниќ, пренесува порталот Банкар.
Тоа значи приземјување на авионите што е можно поскоро, беше објавено на прес-конференцијата на Владата на Црна Гора.
Бојаниќ рече дека планот е да се формира нова компанија со основачки капитал од Владата и дека компанијата ќе биде оперативна до следната туристичка сезона.
Тој наведе дека штетата за буџетот поради исклучувањето ќе изнесува 50 милиони евра, а вработените ќе добијат се што ќе им припаѓа согласно законот.
Поради ненавремено постапување во случајот на „Монтенегро ерлајнс“, Владата ќе го разгледа барањето за разрешување на Советот на Агенцијата за заштита на конкуренцијата, што го побараа некои членови на Владата, посочи Бојаниќ.
„Оваа влада нема проблем да донесе одлука. Но, тука не можеме да донесеме никаква одлука за компанијата. Баравме 15 дена, повикавме во реггионот одредени компании, разговаравме со европски консултанти. На крајот, заклучокот е дека не можеме да донесеме каква било одлука во корист на ‘Монтенегро ерлајнс’, а таа да биде законита“, рече Бојаниќ.