Украинскиот претседател конкретно ги нападна поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер и Њујорк тајмс затоа што сугерираа дека можеби се неопходни територијални жртви за да му се стави крај на конфликтот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати жесток прекор до Западот дека не сторил доволно за да му помогне на Киев да победи во војната, додека на истокот на земјата беснеат жестоки битки, а руските трупи сѐ повеќе се приближуваат до околината на клучен индустриски град.
Повикувајќи на „неограничена“ помош, особено за пратки на тешко вооружување, Зеленски, исто така, ги критикуваше неодамнешните сугестии дека до мирот може да се дојде со територијални отстапки.
Претходно дента украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба им рече на присутните на Светскиот економски форум во Давос дека на неговата земја „очајнички“ ѝ требаат ракетни системи со повеќекратно лансирање за да одговараат на руската огнена моќ во битката за Донбас.
Зеленски од Киев ја повтори таа молба.
„Потребна ни е помош од нашите партнери – пред сè, оружје за Украина. Целосна помош, без исклучоци, без граници, доволна за победа“, рече Зеленски во своето секојдневно обраќање до нацијата.