Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Унгарија е единствената членка на Европската унија која го блокира членството на Украина во тој блок.

„Што се однесува до Европската унија, одлуката за членство на Украина во ЕУ ја блокира една земја. Таа земја е Унгарија“, нагласи Зеленски.

Тој истакна дека конечниот договор за завршување на војната ќе вклучува и економски гаранции за Украина, пренесува Укринформ.

„Точката број еден на економските гаранции за Украина е членството во ЕУ. Нема алтернатива и нема дискусија. Не се против ниту САД, ниту членките на Европската Унија, кои исто така се свесни за тоа. Ова го поддржуваат сите освен една земја, нагласи тој.

Воедно, Зеленски посочи дека верува оти Унгарија во врска со конечната одлука ќе се повика на политиката на САД.