Украинската влада вчера вети дека ќе изгради засолништа во кои ќе има греење, вода и електрична енергија, предупредувајќи ги граѓаните да штедат енергија за време на немилосрдната руска офанзива која сериозно ја оштети енергетската инфраструктура оваа зима.

-Специјални „центри на непобедливоста“ ќе бидат формирани низ Украина за 24 часа на ден бесплатно да обезбедуваат струја, греење, вода, интернет, мобилни врски и лекови, рече претседателот Володимир Зеленски во своето редовно видео обраќањето до нацијата доцна ноќеска.

Во Украина над 10 милиони потрошувачи имаат пре кин во снабдувањето со електрична енергија поради руските напади. Украинскиот национален оператор за електрична енергија вчера соопшти дека штетата е „колосална“.

-Доколку се повторат масивните руски напади и стане јасно дека со часови нема да има струја тогаш „центрите на непобедливост“ ќе тргнат во акција со сите клучни служби, рече Зеленски.

Властите предупредија на исклучувањата на струјата може да погодат милиони луѓе до крајот на март, што е најнов резултат на деветмесечната инвазија на Русија во која веќе загинаа десетици илјади лица, раселени се милиони и опустошена е глобалната економија, пишуваат британските медиуми.

Руските напади врз украинските енергетски капацитети се проследени со серија неуспеси на бојното поле, што вклучуваат повлекување на нејзините сили од јужниот град Херсон до источниот брег на реката Дњепар.