Украина не е подготвена да се повлече од регионот Донецк, додека Русија се стреми целосно да го преземе Донбас, изјави денес претседателот на Украина Володимир Зеленски, наведувајќи дека Соединетите Американски Држави во моментов бараат компромисно решение.
„Сите ја знаеме позицијата на Русија. Тие сакаат да го окупираат целиот Донбас, а сега сакаат ние да се повлечеме од Донбас. Ова е нивниот отворен став. Нашиот став е исто така отворен – ние не сме подготвени да преземеме такви чекори, додека Соединетите Американски Држави бараат компромис“, рече Зеленски како одговор на прашања од новинари, објави Укринформ.
Зборувајќи за разговорите за мировниот план од 20 точки и безбедносните гаранции, Зеленски рече дека украинските и американските преговарачки тимови ќе одржат серија состаноци во САД во петок и сабота.
Според него, темите на разговорите ќе бидат мировниот план, безбедносните гаранции, договорот за обнова на Украина и други можни чекори.
Тој додаде дека украинскиот тим веќе е на пат кон САД и дека американската страна очекува нивно пристигнување, а можно е и присуство на европски претставници.
Претходно, Зеленски изјави дека следната рунда украинско-американски преговори ќе се одржи во САД по консултациите меѓу Вашингтон и Москва, наведувајќи дека состаноците би можеле да се одржат веќе во текот на викендот, објави Танјуг.
Фото: депозитфотос
Текстот Зеленски: Украина нема да се повлече од регионот Донецк е превземен од МАКФАКС.























