Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва го објави своето ново обраќање на социјалните мрежи. Како што може да се види на видеото, Зеленски е во неговиот претседателски кабинет во Киев.
Тој тоа рече и во своето обраќање, додавајќи дека „нема да замине, дека нема да се крие и дека ќе остане тука онолку колку што е потребно за да се победи оваа војна“.
Тој вели дека Русите ја потцениле решителноста на украинскиот народ и оти нема да се откаже од преговорите и покрај малиот видлив напредок во последната рунда разговори одржана денеска. Зеленски ветува дека „сè што уништија Русите во Украина ќе биде обновено и подобро од кој било град во Русија“.
– Останувам во Киев, во резиденцијата на кабинетот на претседателот. Не се кријам. И не се плашам од никого. Останувам онолку колку што е потребно за да се победи оваа војна. Денеска веќе ја имавме третата рунда преговори во Белорусија. Би сакале да кажеме „трета и последна“, но ние сме реалисти. Затоа ќе продолжиме да разговараме и да инсистираме на преговори додека не најдеме начин да им кажеме на нашите луѓе – вака ќе постигнеме мир. Мир за украинскиот народ, рече тој.