Украинскиот претседател Володимир Зеленски во нова видео порака до Украинците утринава кажа дека жените и децата од Украина кои се евакуирани во Европа се третираат достоинствено, а на границата нема хуманитарна криза, пренесе Укринформ.
-Успеавме да спречиме хуманитарна криза на границата. Успеавме да ја организираме ситуацијата така што илјадници Украинки и деца беа третирани достоинствено. Никој не прашува која е нивната националност, каква вера, колку пари имаат. Всушност, ние веќе немаме граница со пријателска Полска, бидејќи сме на страната на доброто, немаме граници, рече Зеленски.
Тој кажа дека ноќеска разговарал со претседателите на Франција и Полска и дека такви разговори има секој ден, а интеракцијата е постојана.
Тој, истовремено, изрази надеж дека наскоро сите Украинци кои ја напуштиле земјата поради војната ќе можат да се вратат дома.
-Сигурен сум дека наскоро ќе можеме да му кажеме на нашиот народ: вратете се! Вратете се од Полска, Романија, Словачка и сите други пријателски земји. Вратете се, бидејќи нема повеќе закана, рече Зеленски.